На денот на одржување на изборите за градоначалник на општините Маврово и Ростуше и на Центар Жупа, како и за изборите за членови на Советот на општината Тетово утре во периодот од 7 до 19 часот отворена ќе биде Подрачната канцеларија на Народниот правобранител во Тетово, а граѓаните ќе можат за заштита на своите права да се обратат во канцеларијата или на телефонскиот број 044 344-082.
– Народниот правобранител, правата на граѓаните ќе ги штити со преземање на итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на нивните загарантирани права, се наведува во соопштението од канцеларијата на Народниот правобранител.
Народниот правобранител потенцира дека избирачкото право е уставно загарантирано и се остварува на слободни избори со тајно гласање и дека никој не смее да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право, поради што не случајно повредата на слободата на определувањето на избирачите како и други повреди на избирачкото право се казниви дела. Исто така, Народниот правобранител апелира до сите чинители во изборниот процес да ги почитуваат здравствените протоколи утврдени за начинот на гласање, стои во соопштението.