Здружението на новинарите на Македонија го осудува односот на припадниците на Министерството за внатрешни работи, кои не дозволиле на новинарската екипа на Македонската радио телевизија да сними прилог по повод Велигденските празници, пред и во дворот на црква во Скопје.
На 27-ми април околу 11.00 часот пред црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Горно Лисиче, на снимателот Трајче Илиевски и новинарката Марија Котовска од МРТ не им било дозволено да пристапат во дворот на црквата и да снимат прилог од страна на униформирани лица од МВР.
Според новинарската екипа, образложението на присутните полицајци било дека снимателот и новинарката не смеат да бидат на таа локација поради најавено присуство на висока делегација. Ваквото укажување е проблематично зошто се покажало дека не станува збор за висока делегација а и да било тоа случај полицијата не може да ги брка новинарските екипи туку напротив да им обезбеди простор од кој тие безбедно ќе ја вршат својата работа.
За оваа неоправдана постапка на припадниците на МВР со која се попречува работата на снимателите и новинарите, ЗНМ ќе поднесе и претставка до Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР.