Затворската полиција тајно ја спроведе ексшефицата на СЈО, Катица Јанева во Одделот за организиран криминал и корупција.
Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, која е третоосомничена во случајот „Рекет“ попладнево со полициско возило и придружба од КПУ Затвор Скопје каде што издржува мерка притвор, беше донесена во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција.
Јанева во Обвинителството ќе го искористи правото да изврши увид во доказите за случајот „Рекет“.
Ова го најави нејзината адвокатка Ирена Фрчкоска завчера кога заедно со Јанева беа во обвинителството за да бидат известени дека е завршена истражната постапка. Фрчкоска, тогаш пред новинарите, појасни дека Јанева најпрво ќе го искористи правото да изврши лично увид во доказите па потоа ќе даде исказ.
Надлежниот обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Рускоска, на почетокот на неделата, по севкупната анализа на прибраните материјални и вербални докази информираше дека е завршена истражната постапка за „Рекет“ и дека тече рокот од 15 дена за увид во доказите за првоосомничените лица и правото на одбраната да предлага докази во корист на осомничените.
Увид во доказите вчера изврши Бојан Јовановски, кој е првоосомничен во случајот „Рекет“.
Случајот „Рекет“ Обвинителството за организиран криминал и корупција го отвори во јули годинава, против Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски-Кичеец, за потоа истрагата да се прошири и против Катица Јанева. Јовановски и Јанева се во притвор во Затворот Скоје, а Зоран Милески – Кичеец со одлука на судот е префрлен во домашен притвор.