Знаеме од каде се пратени мејловите за лажните пријави за бомби во училиштата и интензивно работиме со цел да дојдеме до сторителот, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
– Ќе се анализираат причините и ќе дознаеме зошто е тоа така. Дали се политички, дали се геостратешки, можеби и бизнис причини. Во оваа фаза ние практично ги знаеме мејловите. Знаеме од каде се пратени. Ги знаеме точните податоци во оваа насока и на тоа работиме интензивно се со цел да дојдеме до сторителот – рече Спасовски.
Министерот на гостувањето во емисијата „Вин-Вин“ на телевизија Телма истакна дека во најмала рака дојавите за поставени бомби во скопските средни училишта се монструозен чин и веројатно се дел од хибридните напади на кои сме изложени како држава.
Спасовски наведе дека такви напади се случувале и во нашето опкружување, но оти тоа не значи дека не треба да се спроведува интензивна истрага, пред се заради вознемиреноста и неспокојот кај децата, наставниот кадар во училиштата, но и кај родителите на учениците.
– Сите капацитети кои ни стојат на располагање и човечки и материјално-технички, се ставени во функција и од државата и сите капацитети кои што можат да ни ги понудат нашите партнери ќе бидат ставени во функција, без разлика која е причината и природата на заканата – потенцираше министерот.
Оцени дека заканите за поставени бомби само ја потврдуваат важноста на заштитата од сајбер-криминалот.