Од Синдикатот на полиција во Македонија денеска го обвинија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека пред неколку дена надвор од сите процедури во МВР и спротивно на сите правила од законите за работни односи и за внатрешни работи, како и од Колективнито договор на МВР, како што велат тие, претседателот на Синдикатот на полиција во Македонија Орце Коцевски е распореден надвор од местото на живеење, со што секојдневно ќе мора да патува 110 километри до работното место.
Целата постапка за негово распоредување и потпишување на незаконското решение за распоредување, велат од Синдикатот, е изготвено и потпишано лично од министерот и активирано. Појаснуваат дека сето тоа се случило во време кога министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски користел отсуство од работа поради болест.
– Толку ли и Ви смета Синдикатот, кој вистински се бори за подобрување на правата на вработените во МВР. Ние за разлика од другите не се шетаме со вас, затоа ли не сме ви подобни и ја кажуваме вистината дека во МВР не тече мед и млеко, изјавија денеска од Синдикатот на полиција во Македонија.
Според нив, не престануваат притисоците врз синдикалното полициско движење во МВР и се демонстрира уште поголема сила и незаконски распоредувања.
Од Синдикатот на полиција денеска межу другото истакнаа дека на почетокот покажале високо ниво на толеранција и почит како професионалци кон актуелното раководство во исчекување дека навистина ќе се почувствуваат промените кои биле најавувани.