Пратениците од помалите партии- предлагачи на Предлог-законот за измени и дополнувања на Изборниот законик на денешната прес-конференција во Собранието истакнаа дека треба да има една изборна единица без изборен праг, бидејќи, како што посочија, на овој начин ќе се демократизира земјата, но и ќе се зајакне одговорноста на носителите на јавни функции.
– Сметаме дека на овој начин, Парламентот ќе биде реален односно определбата на граѓаните. Според анкетите околу 70 отсто од граѓаните се за една изборна единица и повеќето сметаат дека на тој начин ќе имаат можност за избор за кого ќе гласаат. Вака со шест изборни единици, со системските предности што ги имаат четирите партии, две од власта, две од опозицијата, нема еднакви шанси за политичките партии за да постигнат условно изборен резултат. Затоа предлагаме да биде Македонија една изборна единица, рече Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, еден од предлагачите на ова законско решение, посочувајќи дека овој концепт нема ниту етничка, ниту било каква друга димензија.
Според Трајанов, во оваа фаза многу тешко е да се направат сите промени. Клучното сега е да има една изборна единица, а сите други елементи може да се усогласуваат преку амандманите.
За предлогот на ДУИ за една изборна единица со праг од пет отсто, Трајанов рече дека ниту ДУИ, ниту било која од албанските партии самостојно ќе го достигнат овој праг.
Претседателката на ДОМ и пратеник Маја Морачанин истакна дека и тие се за една изборна единица без праг, отворени листи и 50 проценти на жените на листите. Морачанин услови дека ДОМ ќе ја напушти Владата ако до јуни претседателот на Собранието Талат Џафери не ги стави на пленарна седница измените на изборниот модел.
Според пратеничката на Либерално-демократската партија Моника Зајкова, ако има потреба за изборен праг, тоа да не биде изборен праг со којшто лицитираат од пет отсто. Според неа, тоа во старт би било погубно за помалите партии.
-Но и може исто да се разговара за промена на математичката формула на пресметување на гласовите, односно на место Донтовиот количник, да се воведе пропорционална формула која најсоодветна мислиме дека би била Харе квотата, но за сето тоа треба да разговараат и работните групи и да се отвори дискусија тука по Предлог-законот со цел во таа амандманска расрправа да може да ги коментираме сите овие работи, рече Зајкова.
Бејџан Илјас, пратеник на Демократската партија на Турците на Македонија, смета дека овој закон е добра подлога и дека моменталната ситуација не го одразува етничкиот состав на општеството во Собранието.
И пратеникот на ВМРО-Народна партија Љупчо Балковски рече дека се согласни за една изборна единици и посочи дека новиот изборен модел ќе придонесе за поголема демократизација. Ги повика поголемите политички партии да гласаат за законското решение.