четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

„Попис“, „Моќник“ и „Актор“, нови истраги на СЈО

„Попис“, „Моќник“ и „Актор“, нови истраги на СЈО

Специјалното јавно обвинителство денеска  објави три нови истраги против 25 физички и четири правни лица за кривични дела злоуптореба на службена должност, измама и перење пари.

Ова на денешната прес-конференција го истакна специјалната обвинителка Фатиме Фетаи.

Првата истрага се води под името „Попис“ против претседателите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и на ДУИ Али Ахмети, кои се осомничени дека во октомври 2011 искористувајќи ги своите овластувања како претседатели на политички партии се договориле да го стопираат пописот на населението и да ги сокријат неповолните факти за демографската структура на населението.

Со цел да ја избегнат одговорноста, во јавноста било кажано дека Пописот е стопиран поради технички причини.

„Моќник“ и „Актор“, нови истраги на СЈО

Вториот случај за кој СЈО покрена истражна постапка е насловен „Моќник“ и се однесува за пратеник кој бил многу влијателен во времето кога се случил настанот, неговиот татко и тогашниот градоначалник на општина Македонски Брод.

Како што истакна овбинителката Фатиме Фетаи, пратеникот го навел градоначалникот да го изманипулира Советот на општина Македонски Брод и на неговиот татко да му го продаде објекот во село Ижиште во кое била сместена општина Пласница и бил сопственик на Република Македонија. Тој ги изманипулирал советниците и им рекол дека му е даден на 30-годишна концесија на таткото на пратеникот и дека сака да отвори таму приватен бизнис.

За продажба на објектот било организирано јавно наддавање кое градоначалникот не го објавил во Службен весник и единствено на него се јавил таткото на пратеникот кој го купил објектот за 670 денари повеќе од почетната цена. Потоа со измама во катастар успеал да го внесе објектот на свое име, а му било продадено и државно земјиште по цена од 100 денари за метар квадратен иако пазарната цена изнесувала 400 денари. На тој начин се стекнал со противправна имотна вредност од милион 795.800 денари, како и милиони 176.000 денари за купување на земјиштето.

Кога разбрал градоначалникот на општина Пласница, Исмаил Јајовски дека е продаден објектот во кој е сместена општината побарал од Владата да ја испита ситуцијата, и комисија утврдила дека се направени многу пропусти при продажбата и дека општината продала имот што е на државата.

За да му се одмазди на градоначалникот Јајовски, пратеникот му праќал инспекции во неговата компанија „Пуцко петрол“, а на судијата кој го судел случајот  го лустрирал и му било забрането да ја врши дејноста.

За ова дело вкупно се товарат 13 лица.

Третиот случај е наречен „Актор“ и се однесува за фаворирање на грчката компанија „Актор“ за изградба на автопат Демир Капија – Смоквица иако, како што кажа Фетаи, подобра понуда имала италијанската компанија „Тото“.

Тогашниот премиер му наложил на тогашниот министер за транспорт и врски да ја елиминира италијанската компанија бидејќи, како што рекол, неа во Македонија ја застапуваат  комуњари и да ја даде изведбата на автопатот на грчки „Актор“.

Министерот за транспорт и врски наложил на членовите од комисијата кои вршеле евалуација да го изберат „Актор“ со што државата е оштетена со 7.811.593 евра.

Покрај тоа во предметот „Актор“ има сомненија и за перење пари што се спроведувало преку четири компании кои на своите вработени им исплаќале огромни плати по што веднаш во Неготино биле претворани во евра и биле давани на рака на Грците.

На овој начин се испрани 31 милион 856.811 евра во период од 2012 до 2016 година.

Предмет на истрага ќе бидат десет физички лица и четири правни лица.

 

Најнови вести