Курир неофицијално дознава дека денес во 15:30 часот ќе биде одржана средба меѓу работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за Законот за спречување корупција.
На средбата, која ќе се одржи во Владата, ќе се разгледуваат забелешките на опозицијата.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во врска со законот вчера истакна дека нивните забелешки се принципиелни и биле изложени на работната група во рамки на Собранието.
Тој изрази надеж дека СДСМ ќе се повлече од најавата за негово повторно ставање во собраниска процедура но со европско знаменце.
-Овој закон е исклучително важен и треба да ја добие поддршката од сите политички партии. ВМРО-ДПМНЕ е на располагање. Имаме аргументи кои се во согласност со ГРЕКО и со меѓународното право и подготвени сме да ги аргументираме каде било, кога било и со кого било од нашиот политички противник…Основен принцип на овој закон е формирање нов чадор што би служел во подоцна фаза за притисок врз политичките неистомисленици, рече Мицкоски вчера подвлекувајќи дека во ваква форма нема да го поддржат законот.
Минатата недела вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска истакна дека Владата го пуштила во собраниска процедура предлог – законот за спречување корупција, но овој пат со европско знаменце, за да се спречи негова можна блокада.
Експертите велат дека на овој начин, со европско знаменце, власта се обидува да брзина да го протурка, иако станува збор за суштински закон.
Како што неофицијално дознава Курир, во текот на утрешниот ден, опозицијата ќе ги соопшти своите ставови и на претставници на меѓународната заедница.
За потсетување, медиумите објавија дека компанијата „ОПЕН МАЈД СОЛУШНС ДООЕЛ – СКОПЈЕ“ во која еден од сопствениците е Маја Макрадули, сопруга на заменик министерот за животна средина Јани Макрадули, по доаѓањето на СДСМ на власт добила тендери со вредност од 5.417.808 денари (88.094 евра).
Во изјава за Канал 5, Макрадули вели неговата сопруга има право да зема тендери.
-Не станува збор за судир на интерес, не сум прекршил никаков закон, некој што сака мене да ме оцрни злопотребува чесни луѓе кои работат 30 години, вели заменикот министер.
Годинава започна и со откривање на три јавни набавки со вкупна вредност од 1.5 милиони денари кои ги добила компанијата „ФЛАЈ КЕМ“ ДООЕЛ Скопје, која е во сопственост на неформалниот сопруг на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Во исто време, во анкетните листови за состојбата на нејзиниот имот, Царовска не го пријавила богатството.
Минатата недела од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција истакнаа дека СДСМ вработуваат партиски послушници и ја преполнуваат администрацијата со несоодветни кадри, а граѓаните плаќаат за оваа масовна операција.
-Вработувањето на ќерките и синовите на Фрчкоски, Бучковски, Бејта, Цафери, Грчев и десетици други послушници на Заев беше само почеток. Во период на државни празници, власта вдомува над 300 нови партиски војници во администрацијата. Ова е класична корупција и обид за купување на гласови пред претстојните избори. Оваа операција на Заев на годишно ниво ќе ги чини граѓаните преку два милиони евра кои ќе им ги зема преку покачената акциза и зголемените даноци. За ваков криминал во правна држава се одговара. Тоа што до вчера беше обемна, масовна, спора, неефикасна, неевропска администрација, сега станува јасли за секој еден партиски војник на СДСМ, нагласија од ВМРО-ДПМНЕ.