Државата за некои е мајка, за други пак маќеа. Но, кога станува збор за екс директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, дефинитивно е мајка.
Имено, откако Атанасов се вдоми на Илинденска број 2, како советник на премиерот Зоран Заев за земјоделство, безбедноста на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика, нашите извори велат, дека само еден ден пред да поднесе оставка од директорската функција, Атанасов си обезбедил и вработување во Институтот за акредитација преку постапка за преземање од едно на друго работно место и тоа во временски период од две недели за да ги заврши сите правни работи околу преземањето.
Она што е спорно е што, Атанасов од директор на АХВ требал да се врати на својата позиција претходно во истата институција како официјален ветеринар инспектор, но како што велат информациите Атанасов бил еден од најомразените вработени во Агенцијата, по што буквално немало кој да му каже здраво.
Ова значи дека на Атанасов откако ќе му заврши мандатот како советник на премиерот Заев наместо во АХВ како што вели изворот ќе замине да работи со својот близок сопартиец Слободан Чокревски.
За потсетување на јавноста, Атанасов за директор на АХВ беше назначен во 2017 година, а сега како советник на премиерот Заев ќе зема 55.268 денари нето плата а како што изјави посебен предизвик за него претставувала оваа функција иако не се знае што точно ќе го советува премиерот Заев.
Додека граѓаните, врзуваат крај со крај и додека се зголемува невработеноста, високи досегашни функционери се вдомуваат во владата на грбот и на трошок на Буџетот кој пак го полнат граѓаните на Македонија.
Се појасно е дека намалувањето на администрацијата за која ветуваше и изјавуваше премиерот Заев, не важи само кога станува збор за негови блиски луѓе од доверба.