Најголем процент поднесени рекламации до АД Пошта на РСМ – давателот на универзалната услуга, има за препорачани пратки, додека давателите на поштенски услуги на слободниот пазар најмногу рекламации имаат за услугата пакети, наведува Агенцијата за пошти во статистички извештај за првата половина од 2020 во однос на истиот период од 2019 година.
До АД Пошта на Северна Македонија се доставени 445 рекламации во првите шест месеци од минатата година, за 271 помалку во однос на истиот период од претходната година кога имало 716. Зголемување на рекламациите има кај приватните поштенски оператори, од 253 во првото полугодие од 2019 на 302 во истиот период од 2020 година.
Како што стои во извештајот, до АД Пошта на РСМ се доставени 420 рекламации за препорачани писма и девет за пакети, додека кај приватните оператори најмногу рекламации, 161 , има за пакети, по што следат тие за препорачани писма, 92, па за обични писма, 22, а четири рекламации се регистрирани за вредносни пакети.
Анализата од Извештајот покажува опаѓање од 15 проценти на вкупниот обем на поштенските услуги за првото полугодие во 2020 година во однос на истиот период во 2019 година. Опаѓањето е резултат на намалување на обемот и кај давателот на универзална услуга за 16 проценти и кај давателите на поштенските услуги за осум проценти.
– Кај давателот на универзалната услуга се бележи намалување на скоро сите услуги, и тоа во рамките на универзалната услуга од 16 проценти. Пратките за коресподенција како услуга која треба да биде достапна до сите корисници, бележи опаѓање исто така за 16 проценти.Пандемијата најмногу се почувствува во делот на обезбедување на оваа услуга, посебно имајќи го предвид фактот дека меѓународниот сообраќај беше затворен неколку месеци, се наведува во Извештајот.
Давателите на поштенските услуги имаат намалување на пратките за коресподенција за 34 проценти.
Следејќи ја состојбата со пандемијата која започна во март 2020 година, која беше проследена со затворања на голем број дејности, очекувано е и да има пад на овој вид на услугите и зголемување на малите пакети и пакетите.
Регистрирано е зголемување на пакетските услуги (мали пакети + пакети) за 56 проценти, како резултат на големата понуда на онлајн услугите и нивното користење од страна на корисниците.
Според извештајот на АП, во првото полугодие од 2020 година се бележи намалување на вработени лица во поштенскиот сектор. Во АД Пошта на РСМ во првото полугодие од 2020 година имало 2.051 вработен, за 37 помалку во однос на споредебениот период, а кај давателите на поштенски услуги 1 071, односно 62 помалку.
Бројот на даватели на поштенски услуги е намален за девет проценти во првата половина од 2020 во однос на истиот период од 2019 година, односно нивниот се намалил од 44 на 40.