Членовите на собраниската Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот денеска расправаа по преставката од вишиот просветен инспектор вработен во Државниот просветен инспекторат Ѓорѓи Илиевски. Неговата преставка се однесува за вршење притисок, мобинг на работно место по констатираните незаконски унапредувања на јавни функционери во наставно – научни звања на Универзитетот во Тетово.
Инспекторот објави дека имало унапредувања во наставно-научни звања на високи јавни владини функционери чии работни места им биле во мирување додека извршувале јавни, односно државни функции. Се работи за актуелниот министер за образование Арбер Адеми, кој бил унапреден од асистент во доцент, заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, кој од доцент станал вонреден професор и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост Сафет Емрули, кој бил унапреден од асистент во доцент и вонреден професор.
И покрај предлозите на пратениците од ДУИ за дополнување на дневниот ред, нивното барање да се тргне преставката на Илиевски, која беше единствена точка на дневен ред, и одолговлекувањето со процедурални забелешки, расправата се одржа. Во неколкучасовната расправа се вклучија скоро сите членови и дебатираа за различни аспекти на образовниот процес.
Попладнето претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот Фадил Зендели најави дека за продолжувањето на седницата сите дополнително ќе бидат известени. Во финалната фаза кога, како што рече, ќе ги усогласат ставовите во однос на тоа што дискутирааа денеска, ќе се разгледа и предлогот на пратеникот Трајчо Димков за јавна расправа за мобинг.
Независната пратеничка Никица Корубин изјави дека надлежностите на Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот се само да утврди, односно постапува во однос на евентуално загрозување на човековите права и слободи. Комисијата повторно за жал, како што рече, се искористи за изнесување политички ставови место да постапуваме за она што треба да постапува Законодавниот дом.
-Собранието не е истражен орган, не е судски орган и не може Илиевски да очекува или било кој друг граѓанин дека ние во таа насока ќе постапуваме. Претпоставувам дека тој се обраќа за да укаже на највисокиот орган во државата дека тој смета дека му се загрозени човековите права. Ние треба да дадеме сугестии, насоки, она што мислиме како Собрание, Комисија што тој би требало да преземе како активност во насока да ги заштити прават кои смета дека му се загрозени, рече Корубин. Додаде дека тие не за да утврдуваат зошто е дојдено до таа ситуација, кој е виновен или не е, дали има политичка одговорност или нема…Смета дека Илиевски секогаш треба да ги искористи сите можности кои ги даваат институциите на системот.
Илиевски, кој има над 25 години работно искуство во Инспекторатот, изјави дека се обратил до сите институции во државава, како Трудова инспекција, Државен Управен инспекторат, Народен правобранител, Хелсиншки комитет, Транспаренси Интернешнл…
-Станува збор за јавни функционери кои направиле злоупотреба, односно образовен криминал, кои се унапредувале во период кога им мирува работниот однос. Згора на тоа добивале и интелектуални услуги, пари што е спротивно на Законот за високо образование, рече Илиевски. Додаде дека се информирани и јавниот обвинител, финансиската полиција, ДКСК, има иницијатива од него и до Уставниот суд…
Ова, како што рече, е една лоша порака за нас како инспектори. – Ако го затаев тоа, а тоа го бараа од мене, тогаш правам криминал, рече Илиевски, кој додаде дека бил спречуван во работата од страна на директорот, главниот инспектор, од повеќе претставници на власта кои, како што вели, се инволвирани во овој криминал и го поддржуваат.
Тој вели дека за случајот ги информирал повеќе институции, високи државни функционери, сите амбасади и додаде дека добива голема поддршка од францускиот, германскиот, холандскиот амбасадор, евроамбасадорот Жбогар. Сите тие, како што рече, му укажале да не се сокрива случајот зошто е од јавен интерес. Илиевски рече дека во јануари 2020 година треба да замине во пензија, а обвини дека на работа е деградиран на пониска позиција и оти добива закани и е цел на мобинг. Најави дека ќе поднесе и кривични пријави за тие што му вршат мобинг. (МИА)