понеделник, 13. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Потпишан меморандум за соработка помеѓу општините Преспа, Пустец и Ресен

Потпишан меморандум за соработка помеѓу општините Преспа, Пустец и Ресен

Во општина Преспа во Грција, потпишан е Меморандум за соработка помеѓу општините Преспа во Грција, Пустец во Албанија и Ресен во Северна Македонија, објави Општина Пустец.

Меморандумот го потпишале Панајотис Паскалидис градоначалник на општина Преспа, Пали Колефски на Пустец и Јован Тозиевски на општина Ресен.

– Меморандумот предвидува меѓугранична соработка на трите општини и унапредување на соработката во областа на културата, спортот и туризмот. Градоначалниците изразија согласност заеднички да аплицираат пред европските фондови за проекти за развој на регионот на тромеѓата помеѓу Грција, Македонија и Албанија, стои во објавата.

Според истиот извор признавајќи ја моменталната економска состојба со која се соочуваат граѓаните на преспанскиот крај во сите три земји, што доведе до помали можности за вработување и следствено иселување и депопулација што ја загрозува иднината поставени се неколку заеднички цели, за развој на прекуграничниот регион, врз основа на концептот на прекугранична соработка.

Тоа со цел да се обезбеди „одржлив просперитет за нивните граѓани и да се зачува уникатната животна средина во областа Преспа”.

-Конзервација, промоција и управување со извонредниот пејзаж на Преспа. Заштита, зачувување и промоција на културните вредности, вклучително и значајното археолошко и традиционално наследство, отворање на гранични премини и подобрување на патната инфраструктура кои обезбедуваат непречено движење на граѓаните и посетителите на преспанскиот крај меѓу трите земји, се дел од зацртаните цели.

Предвидена е промоција на прекуграничниот регион Преспа како дестинација на светските туристички пазари. Постојана соработка за заштита на граѓаните, животната средина и инфраструктурата од природни непогоди пожари, поплави и слично.

Воспоставување режим на локален граничен сообраќај во согласност со регулативата за локален граничен сообраќај на Европската унија (EC/1931/2006) која ќе обезбеди постојаните жители на областа Преспа да можат да се движат и да работат во прекуграничниот регион без непотребни пречки, се исто така цели за кои се заложиле градоначалниците.

Потписиниците се согласиле за трансформирање на областа Преспа во модел за прекугранична соработка, мирен соживот и иновативен еко-пријателски развој преку создавање и проширување на нови и постоечки економски активности, како и исклучителен квалитет на живот, што ќе го направи привлечно место за живеење и работа.

Најнови вести