Повеќе нема деца во Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје. Од пред неколку дена тие се сместени во 4 мали групни домови и згрижувачки семејства. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и претставникот на УНИЦЕФ во Македонија Бенџамин Перкс денеска ги посетија децата коишто од неодамна се сместени во една од куќите во Скопје.
„Како што ветивме, до почетокот на второто училишно полугодие го трансформиравме и домот „11 Октомври“. При тоа водевме сметка децата да останат во близина на училиштето коешто го посетуваат и да не ги разделуваме децата коишто се братчиња и сестрички. Процесот на деинституционализација тече подобро од очекуваното, досега бројот на деца сместени во институции се намали за 60%. Нашите заложби како Влада се до 2020 година да нема повеќе деца под 18 години во големите институции. Секое дете заслужува да расте со семејство, да чуствува вистинска грижа и топлина. Продолжуваме да работиме на отворање на мали групни домови, каде децата имаат услови за живот како во вистински семеен дом. Ги охрабрувам и сите оние кои се заинтересирани да станат згрижувачи да го направат овој чекор и да го отворат својот дом и срце за нов член на семејството“, изјави Царовска.
Процесот на деинституционализација МТСП го спроведува во партнерство со УНИЦЕФ, УНДП и Делегацијата на ЕУ во Македонија.
„Многу земји од ЕУ, преку систематски реформи и кампањи за промена на ставовите, прераснаа во места каде што сместувањето на деца во институции веќе не се прифаќа. Со затворањето на претпоследната институција за деца во земјата се доближуваме до остварување на таа иста цел“, рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ. “За жал секогаш ќе постојат деца без родителска грижа. За да им се обезбеди на тие деца поддршка во семејно опкружување ни требаат мали групни домови, како овој, и голема мрежа згрижувачки семејства кои се подготвени да ги отворат своите срца и домови за децата кои може да имаат потреба од грижа во иднина“, рече Перкс.
Пред околу четири месеци целосно беше трансформиран и домот „25 Мај“ и сите 25 деца сега живеат во 5 мали групни домови во Скопје и се вклучени во редовниот образовен процес. Исто така, до крајот на минатата година од Специјалниот завод „Демир Капија“ беа извадени сите деца до 18 години и сместени во мали групни домови каде што добија 24 часовен надзор, и индивидуализирани програми и дефектолошки третмани.