среда, 22. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Повик за ангажирање образовни медијатори за поддршка на Роми

Повик за ангажирање образовни медијатори за поддршка на Роми

Министерството за образование и наука за учебната 2022/2023 година  ќе ангажира 40 образовни медијатори Роми во 29 општини во земјава со цел да помогнат во подобрување на информираноста за можностите и пристапот до училиштата на ромската етничка заедница.

Како што е наведено во повикот на МОН, улогата на образовниот медијатор е да одржува редовни средби за сензибилизирање на населението и вработените во основното училиште со спецификите и потребите на ранливите групи во делот на образованието, редовно да соработува со стручните соработници и наставниците за подобрување на постигањата на учениците, да презема активности за намалување на напуштањето на воспитно-образовниот процес на учениците.

Право да се пријават за образовни медијатори имаат лица од општини со поголем број ученици од ромската етничка заедница: Шуто Оризари, Чаир, Центар, Бутел, Карпош, Ѓорче Петров, Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Илинден, Тетово, Гостивар, Кичево, Oхрид, Струга, Неготино, Дебар, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Кочани, Виница, Делчево, Берово, Велес, Градско, Кавадарци и Крива Паланка.

Кандидатот за образовен медијатор треба да работи со учениците, да соработува со училиштето, да работи и соработува со родителите/старателите и заедницата и да реализира редовни посети на терен и да работи со локалната самоуправа, граѓанскиот сектор и други институции и организации.

За нивниот ангажман ќе добиваат хонорар во месечен износ од 18.000 денари бруто за период  од три месеци во 2022 и седум месеци во 2023 година.

Рокот за пријавување на повикот за образовен медијатор е 12 септември. Кандидатите треба да се македонски државјани, да се невработени и припадници на ромската етничка заедница.

Критериуми за избор на образовни медијатори се тие да имаат завршено најмалку четиригодишно средно образование, да имаат комуникациски и компјутерски вештини (Microsoft Оffice), да бидат дел од заедницата во која ќе работат, да имаат искуство од работа на терен со ромската заедница, граѓанскиот сектор, локалното население, локалните институции и училиштата.

Во повикот на МОН се наведени предностите при селекција на кандидатите и потребните документи што тие  до 12-ти месецов  треба да ги поднесат  во Министерството за образование и наука, ул. „Св.Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје.

Најнови вести