Екипата на Бугарската национална телевизија успеа да разговара со 29-годишниот Драгомир кој неделава беше избоден пред натпреварот помеѓу фудбалските клубови „Шкупи“ и „Левски“ во Скопје.
Момчето е сместено на Одделот за интензивна нега на хирургија во болницата „Свети Наум Охридски“ во Скопје, од каде што им се заблагодари на лекарите кои му го спасиле животот.
Неговата здравствена состојба по оперативниот зафат е тешка, но стабилна. Нема опасност по неговиот живот. За „БТВ“ раскажа дека уште е во шок од она што му се случило.
Лекарите кои се грижат за Драгомир објаснија дека не е препорачливо тој да биде префрлен во болница во Софија пред да му се подобри состојбата, а неговата мајка во петокот пристигнала во Скопје.
Драгомир има тешка убодна рана во пределот на стомакот. Неговиот напаѓач е идентификуван од страна на полиција, но по него се’ уште се трага.