Во пожарот што изутринава изби во зградата на поранешна Комерцијална банка најмногу штета претрпе Државниот инспекторат за животна средина.
Огнот, кој според првичните информации настанал од дотраеност на електричната инсталација, ги уништил архивата на Инспекторатот и дел од канцелариите.
Дополнително штета е предизвикана при гасење на пожарот, кога од водата се уништени и дел од компјутерите и инвентарот во канцелариите на инспекторите.
-Ни се отвори голем проблем, изгоре целата документација. Последните предмети се кај инспекторите, но и таму пожарникарите интервенирале со вода. Не знаеме што е зачувано на компјутерите, а што не. Ова ќе биде огромна штета за нас. Само мојата канцеларија не е уништена. Ќе побарам средба со министерот за животна средина за да ни најдат простории каде би можеле да се сместиме. Целокупната штета допрва ќе ја проценуваме – вели директорот на Инспекторатот, Фејзула Спахија за „360 степени“.