Постапката за преименување на автопатот „Александар Македонски“ на Коридорот 10 и на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје ќе почне по објавување во ЈП „Службен весник“ на одлуката што за таа намена ја донесе македонската Влада на вчерашната седница.
Од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) појаснуваат дека откако ќе се објави одлуката, на нивно барање и со нивен буџет активностите на терен за отстранување на сегашните сообраќајни знаци и за поставување нови ќе ги спроведе Јавното претпријатие „Македонија пат“.
Новото име на автопатот ќе биде „Пријателство“. Сегашното име „Александар Македонски“ се користи од јули 2008 година, а тоа име беше определено со одлука на претходната Влада.
Од декември 2006 година, пак, исто така со одлука на претходната Влада скопскиот аеродром доби име „Александар Велики“, кое треба да биде заменето со Меѓународен аеродром Скопје. Претставници на концесионерот на македонските аеродроми ТАВ неодамна изјавија дека станува збор за политичко прашање и оти ќе ја почитуваат одлуката.
Промената на имињата на автопатот и на аердромот, како што објави премиерот Зоран Заев по средбата во Давос со неговиот грчки колега Алкесис Ципрас е во знак на добра волја и затоплување на односите со Грција.