Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за “Обнова на Македонија” на сите граѓани на Република Македонија им го честита големиот државен празник 24-ти Мај, Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј.
-24-ти Мај е денот кога Македонија со огромна чест го слави ликот и делото на сесловенските просветители Кирил и Методиј, лик и дело кое остави длабок и неизбришлив белег во македонската историја, култура и традиција, но и во европската и светската цивилизација давајќи огромен придонес во описменувањето и културното воздигнување на Европа и европските народи. Ние сме особено горди што токму зачетоците на патот на просветителството на Светите браќа Кирил и Методиј започнал од тука, од нашата Македонија, стои во Честитка на Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, по повод државниот празник 24-ти Мај, Св.Кирил и Методиј и се додава:
„Но токму во овие мигови, кога многумина се обидуваат да ја негираат и омаловажат нашата богата историја, ние треба и мора да покажеме единство во борбата за зачувување на македонската историја, македонскиот јазик, култура и традиција бидејќи тоа е наша обврска и задача. Нашиот вечен аманет е да го чуваме, негуваме и следиме патот на Светите браќа Кирил и Методиј зачувувајќи и негувајќи го македонскиот јазик како еден нераскинлив дел од богатата македонска историја и традиција. Само на тој начин ќе опстоиме и ќе покажеме истрајност во вечната борба за Македонија. За многу години празникот! Нека е вечно делото на Светите браќа Кирил и Методиј!“.