сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предложи закон за дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предложи закон за дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести

Денес во Собранието на Република Македонија, пратениците од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ заедно со останатите опозициски партии,  Алијанса и Алтернатива, како и Левица, поднесовме Предлог – закон за дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, но овој пат, во редовна постапка, ова преку соопштение до јавноста го истакнаа од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

-Сакаме да напоменеме дека пред неколку денови, овој ист Предлог – закон го поднесовме до Собранието во скратена постапка, но владеачкото мнозинство и нејзините пратеници ја одбија потребата од брзо носење на овој Предлог – закон по скратена постапка. Ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со останатите опозициски пратеници нема да се откажеме од потребата за донесување на ова важно законско решение и токму затоа овој пат апелираме до владеачкото мнозинство и Владата, детално и суштински да го разгледаат овој Предлог – закон и истиот да го прифатат. Имено, со Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, бараме формирање на посебна Комисија за заштита и справување со пандемија или епидемија, која ќе биде формирана од страна на Собранието на Република Македонија и ќе треба да допринесе за ставање под контрола на ситуацијата со Ковид-19 која што очигледно од ден на ден се повеќе се влошува. Составот на Комисијата ќе биде на предлог на Владата, а го избира Собранието на Република Македонија. Истата се предвидува да биде составена од 11 члена, во која по функција ќе членуваат, министерот за здравство и директорот на Центарот за управување со кризи, а останатите 9 членови би биле, тројца инфектолози, двајца епидемиолози, двајца микробиолози, еден имунолог и еден интернист, велат од пратеничката група.

Од таму додаваат дека овој Предлог – закон предвидува донесените препораки од страна на Комисијата да бидат јавни и да се доставуваат до Владата, која што потоа ќе има обврска и ќе мора задолжително да постапува по истите.

-Целта на овој закон е да се формира Комисија која што ќе биде составена од професионалци, докажани во своите области и кои што со своето објективно и стручно работење и носење на одлуки, ќе допринесат за решавање и нормализирање на тешката состојба во која што се наоѓа Република Македонија предизвикана од Ковид-19 кризата, но и од катастрофалната здравствена политика која ја води оваа влада предводена од СДСМ. Ние како одговорни и загрижени пратеници, наша обврска и задача е постојано да нудиме издржани и квалитетни законски решенија и мерки и соодветно и навремено да реагираме бидејќи целата македонска јавност е сведок дека оваа Влада на СДСМ и овие  здравствени власти на чело со министерот Филипче, немаат капацитет да се справат со последиците предизвикани од КОВИД 19. Оттука, уште еднаш апелираме до пратениците од владеачкото мнозинство, да го поддржат ова предлог-законско решение и конечно наместо партискиот интерес, во преден план да го стават интересот, безбедноста и здравјето на сите граѓани во Република Македонија, потенцираат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Најнови вести