Претседателката на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија, Лилјана Затуроска, денеска, во Сараево, ќе учествува на Регионален проект финансиран од ЕУ за поддршка на медиумите за јавни услуги во Западен Балкан.
Како што соопштија од собраниската прес-служба, состанокот ќе биде фокусиран на прашањето за финансирањето на медиумите од јавните служби и е продолжение на активноста која што започна со серија од пет национални тркалезни маси, организирани во Белград, Подгорица, Приштина, Сараево и Тирана.
-Овој еднодневен регионален состанок ќе ги собере петте засегнати страни од секоја земја, вклучително и највисокиот менаџмент на националните медиуми и нивните владини тела, претставници на Влади/Парламенти, национални радиодифузни регулатори и претставници на релевантни невладини организации. Покрај тоа, на состанокот ќе присуствуваат и релевантни претставници од општеството на земјата домаќин, се наведува во соопштението.
На конференцијата во Сараево, се додава, делегатите ќе бидат поканети да ги искажат своите ставови за одржливоста на различните пристапи во националниот контекст на кој го опишуваат моделот за кој сметаат дека најдобро ќе функционира на национално ниво. Презентациите се очекува да бидат проследени со три панел-дискусии, од кои секоја ќе се состои од тројца експерти, при што ќе бидат разгледани различни аспекти на различни модели на финансирање. Овој процес се очекува да доведе до договор на регионално ниво за принципите што треба да се применат во секоја од земјите партнери во регионот, стои во соопштението. (МИА)