Во Собранието денеска продолжи 88. седница со дебата за избор на Фатмир Скендер и Татјана Васиќ Бозаџиева за членови на Уставниот суд.
Пратеничката Јадранка Поцкова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека има лоша постапка за избор на уставни судии, се дава партиски пристап на изборот и кандидатите уште не влезени во Уставен суд, како што рече, веќе партиски се обојуваат. Според неа, не се дава поддршка на квалитетот и капацитетот на кандидатот, туку се дава поддршка на партиски послушници и судии подобни на власта.
Таа се осврна на образованието и на работното искуство на кандидатот Фатмир Скендер и рече дека за него нема афери и скандали. Посочи дека нема објавено трудови, книги и стручни трудови, туку само учествувал на стручни обуки на различни теми, нема докторат и затоа неговото место не е во Уставниот суд. Поцкова направи споредба со кандидати за уставни судии кои беа предложени од опозицијата и не добија поддршка од членовите на собраниска Комисија за прашања на изборите и именувањата. Соопшти дека тие се истакнати правници, со докторати, со објавени дела, стручни трудови, книги, кои оставиле печат во правото и во правосудството. Тоа се Славо Климовски, Родна Живковска, Тодор Витларов…
Пратеникот Бејџан Иљас од Демократската партија на Турците на Македонија реплицирајќи на Поцкова рече дека и во текот на вчерашниот ден во расправата за Фатмир Скендер како да се сака, како што рече, да се даде впечаток дека кандидатот е анонимен.
-Можеби досега не беше во центарот на вниманието на јавноста поради тоа што повеќе бил концентриран да ја врши совесно и професионално должноста. За неговата стручност веројатност треба да ги прашаме граѓаните кои имале потреба од неговата праведност, потенцира Иљас, додавајќи дека се доказ и се важни и оценките на Судскиот совет кои со години не се менувале, а секогаш бил оценуван со оцена „многу добар“.
Според пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ одлуката со која се избрани уставните судии е незаконска. Посочија на Извештајот на ЕК каде, како што велат, за избор и именување на уставен судија се бара стручност и компетентност, а не изборот да се заснова на политичка основа. Според нив, секој состав на Уставниот суд е се полош место подобар, нужни се реформи во Уставниот суд, потребни се биографиите на кандидатите, истакнати правници, како и да се дебатира…
Пратениците од владејачкото мнозинство, пак, потенцираа дека ВМРО-ДПМНЕ не сакаат добро за државата и демократија, не сакаат да функционира судството и зад себе имаат, како што велат, голем криминален багаж. Според нив, целта на ВМРО-ДПМНЕ е да предизвика општа криза во државата, како парламентарна криза, политичка криза и сега сакаат да се предизвикаат и уставна криза.
Мартин Костовски од СДСМ рече дека како парламентарно мнозинство ќе направат се за да дојде до избор на уставни судии и да функционира државата.
Енес Ибрахим од Партијата за движење на Турците рече дека ако малку повеќе се следат активностите на турската заедница во земјава и турските медиуми, ќе се знае кој е Фатмир Скендер и порача да не се игнорираат претставниците од турската заедница. Фатмир Скендер, како што рече, не е избран судија од Никола Груевски или од страна на некој друг политичар, тој е избран за судија во 2014 година. Ибрахим истакна дека Фатмир Скендер е правник, судија, активист за човекови права и додаде оти се борел за да се оствари правото за настава на турски јазик во земјава.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека најголем проблем е тоа што три дена во Собранието не слушнале од пратениците од владејачкото мозинство за постапката за избор на уставните судии. Укажа дека собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата почнала на 7 јуни 2021 година и имало несогласувања за кандидатите за уставни судии, потоа имало застој до 13 август 2022 година или 10 месеци Комисијата не заседаваше, а предлози за уставни судии немаше.
-За денеска, во моментов додека го зборувам ова некој да држи прес-конференција во прес-центарот на Собранието и да каже нема да дозволам ВМРО-ДПМНЕ да предизвика уставна криза, рече Мицевски. Ја обвини власта што 10 месеци на допис од Судски совет не се организирала да поднесе барање за уставни судии и што, како што рече, 10 месеци не работевме, не беше свикувана Комисијата од страна на власта, а одговор ќе дадете вие. Според него, власта не сака да слушне за состојбата во судството во целина и додаде оти 92 отсто од граѓаните немаат доверба во судството.
Потпретседателот на Собраниетио Горан Мисовски даде пауза за ручек до 15 часот. (МИА)