петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Правниците остро против Владата: Поништувањето на лустрацијата е деградирање на правниот и уставен систем

Првиот човек на Комисијата за лустрацијата Аџиев и поранешниот обвинител Костов децидни во ставовите дека предлог-законот на Владата за поништување на одлуките од процесот на лустрација се неуставни, срамни и скандалозни.
Правниците остро против Владата: Поништувањето на лустрацијата е деградирање на правниот и уставен систем

Усвоениот предлог-закон од Владата со кој одлуките од спроведената лустрација и правните последици ќе станат ништовни, предизвика бура кај експертската јавност. Тајните соработници на Службата за државна безбедност, кодошите, од партијата на власт добија прошка, а од државниот буџет ќе бидат и финансиски обештетени.

Поранешниот јавен обвинител Сотир Костов не го поддржува ваквиот предлог-закон. Според него оваа законска иницијатива е бесмислена.

-Таа значи повампирување на џелатите, удбашите и кодошите од комунизмот. Враќање во 1949 година и владеење на Партијата и Големиот Брат. Повторно судење, т.е. „пукање“ на Брашнаров, Пирузе, Ченто, Шишков, и многу други жртви на комунизмот УДБА, и КОС. Во крајна линија судење или пукање во АСНОМ, а рехабилитирање на џелатите, удбашите, крвниците и кодошите. Срамно, скандалозно и бедно, вели Костов за Курир.

За тоа како е воден целиот процес на лустрација, Костов вели дека е потребна исцрпна анализа, а не, како што рече, жалопојки на лустрираните.

-Едно е да се направени грешки во водењето на лустрацијата, ако се направени, а друго е правно поништување на целата лустрација. Каде, во кој закон тоа е дозволено? Има ли таква можност во Уставот на Република Македонија? Не! Не! и Не! Не може да се поништат одлуките на Комисијата за лустрација и одлуките на Управните судови без законска предвидена постапка. Тоа е деградирање на правниот и уставниот систем. Што правиме ако утре некој побара да се поништат сите кривични пријави и судски одлуки? Одиме во беззаконие. Доколку имало грешки тие во законски предвидена постапка треба да се исправат, а не наместо во 2020 година, ние да влегуваме, се враќаме во 1949. година, дециден е Костов во изјава за Курир според кого апсурдно е лустрираните лица да може да бараат надомест од државата.

-Жртвите од комунизмот не се обештетени, а некој сака да ги обештетува нивните џелати и крвници. Тоа пред се е голема духовна и морална штета, а секако и материјална, посочува поранешниот обвинител.

Сличен став има и претседателот на Комисијата за верификација на фактите Томе Аџиев кој вели ваквиот потег на владата е бандитизам и дилетантизам. Во изјава за КУРИР, Аџиев вели дека поништувањето на правосилни одлуки со закон не постои и тоа е противуставно.

-Си има закони и процедури како може да се направи нешто такво. Замислете, утре на некој да му текне да ги поништи сите кривични пресуди и да нема осудени лица. На што ќе личи тоа? Се прашувам кои луѓе ја водат оваа држава, имаат ли читано право? Па, јас на сите им ги знам имињата, втората и третата генерација на кодошите сега се вработени во институции, па и во погорните ешалони, а некои пружаат поддршка преку невладини организации. Трагедија е за Македонија да се размислува на овој начин. Затоа не не’ примаат во ЕУ, за вакви работи, криминалот цвета. Нека му е на чест на тој што го смислил ова, вели Аџиев во телефонската изјава за Курир.

Првиот човек на Комисијата за лустрација додава и дека за правната веродостојност на нивните одлуки потврдил и судот во Стразбур.

Аџиев посочува дека Комисијата била составена од 11 луѓе кои одлучуваа и два суда. Вели, за нивната работа и донесените одлуки потврдил и Судот во Стразбур кој за двата поднесени предмети ја потврдил одлуката на Комисијата. Според Аџиев ова што се прави е само да се задоволат нечии апетити и барања, а всушност се руши целиот правен систем.

Најнови вести