четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Пред да нè „создадат“ во 1944…

Пред да нè „создадат“ во 1944…

Пред да нè „создадат“ во 1944… Ова е насловот на колумната која ја напиша Христина Серафимовска.

Прочитајте ја во продолжение:

Тезата дека македонскиот јазик е само јазична норма на бугарскиот јазик и е настанат вештачки како резултат на политичка одлука во 1944 г. е толку повеќе погубна за креаторот на ваквата теза колку што е примамлива. Поаѓајќи од заводливоста на ваквото тврдење, која мора да признаеме е доста привлечно на прв поглед (но само на прв поглед, додека не размислиме и не споредиме) ќе излезе дека наша најголема грешка било формирањето на македонската држава и стандардизирањето на македонскиот јазик. Апсурдно! Токму ваквиот чин наместо да нè потврдува, сега служи за негирање на сè што е македонско, како резултат на извртените тези кои се пласираат за туѓи политички цели.

Ако ја погледнеме пошироката слика ќе видиме дека она што нашите источни соседи го користат како аргумент за нивната теза и се обидуваат да ја нагризаат македонската етничка и јазична посебност сè само и единствено аргументи, кои не се темелат на наука (линвистика, археологија, етнологија, историја и сл.), туку се темелат исклучиво на политички настани и одлуки низ минатото кога тие биле во посупериорна позиција, и секако нивни нуспојави. Во тој контекст е користењето на 1944 г. како датум со која се покажува дека „сме вештачка конструкција“, наместо како пресвртен момент за формирање на национална држава по примерот на сите останати држави (некои порано, некои покасно).

Такви се и аргументите од типот попис на населението, образование, јазик на институциите, печатење публикации на наши дејци и сл. во услови и институции администрирани од друга држава. Вистината е сосем поинаква ако се потпреме на науката, на пример линвистиката каде јасно се диференцираат различните јазични промени што се случувале во развојот на двата засебни јазици (бугарски и македонски) уште во фазата пред да бидат стандардизирани и постоеле на ниво на народен говор. Тука е и народното торештво како основно обележје на етничкиот идентитет. Ниту кај Македонците ќе пронајдете народни песни за кан Аспарух, ниту кај Бугарите за Александар  Македонски…

Каде погрешија Македонците и каква била праксата на стандардизација на другите јазици?

Еве да го погледнеме примерот на грчкиот јазик. Иако се смета за еден од најстарите живи јазици, сепак стандардниот, современ грчки јазик е формиран 1976 г. кога е прогласен за официјален јазик на Грција. Тој е производ на одлука со која е надмината фазата на диглосија која ја зафатила Грција и како компромис вклучува одлики својствени за двете форми кои дотогаш биле во употреба „народната“ и онаа „прочистената“. Сепак тоа не значи дека до тој момент не постоел грчки јазик. Стандардниот современ грчки јазик е продолжение на средновековниот грчки јазик, античкиот итн. сè до прото-грчкиот како најстар предок на денешниот грчки јазик.

Од друга страна, германскиот јазик како еден од водечките светски јазици е стандардизиран во 1901 г. Стандардниот германски јазик не е настанат спонтано од некој дијалект, туку е осмислен од поети, филозофи и други образовани луѓе, кои го користеле како пишан јазик. Ова е како последица на разделеноста на тогашната јазичната територија на повеќе држави. Единствената сила за унифицирање на германскиот јазик во периодот од неколку стотици години била претпочитањето на писателите да се обидат да пишуваат на начин кој би бил разбирлив во што е можно повеќе региони. На пример, Мартин Лутер ја превел Библијата на германски јазик во 16 век свесно спојувајќи карактеристики од различни дијалекти за да биде разбирлива за што е можно повеќе луѓе. Издавањето на Првиот речник на германски (16 дела) од браќата Грим започнува 1852 г., додека 1901 г. е направена комплетната стандардизација на германскиот јазик во неговата пишана форма.

Албанскиот јазик пак, до Втората светска војна не постоел официјален албански јазик, а приоритет во официјалната комуникација му се давало на гегскиот дијалект. Сепак, по долгата јазична традиција на двата доминантни дијалекти јазикот е стандардизиран во 1968 г. на Конференцијата одржана во Приштина кога како основа за стандардниот јазик се зема тосканскиот дијалект, а правописот бил определен во 1972 г. Со оглед на големите разлики кои постојат помеѓу тосканскиот и гегскиот дијалект во албанската научна јазична фела и денес постојат расправи дали да се изврши повторна стандардизација на албанскиот јазик како во него би биле вклучени повеќе обележја на гегскиот дијалект. Ова не ја негира албанската долга јазична традиција, само ги потврдува фазите низ кои се развиваат јазиците.

Што се однесува до бугарскиот јазик, тој историски разликува повеќе значајни периоди во развојот, но за значајна дата во новобугарскиот период се смета 1863 г. кога Библијата во целост е отпечатена на оваа форма од јазикот заснована на североисточните дијалекти од околината на Велико Трново, што подалеку од македонската јазична територија.

Во истиот период кога тие воведуваат една нова фаза во бугарскиот јазик (пречистена од турцизми, но со позајмици од рускиот и црковнословенскиот јазик) на територијата на денешна Македонија дејствува и твори големиот Ѓогија Пулевски. Тому од овој период тој зад себе ги остава првата публикувана граматика на македонски јазик од 1880 г. „Слогница речовска“, „Речникот на четири јазика“ (Четиријазичникот, 1873 г.), „Речникот на три јазика“ (Тријазичникот, 1875 г.) каде е вклучен македонскиот јазик заедно со албанскиот и турскиот, како и неговата „Славјанско-маќедонската општа историја“ од 1892 г. во која се навраќа на македонската историја дури пред Христа и Александар Македонски.

Кога работите ќе се погледнат од една ваква перспектива очигледно е зошто 1944 г. е клучна. Можеби сега е појасно зошто за Бугарите не постои и строго се игнорира Пулевски и неговите дела за македонскиот јазик од истиот период кога тие на своите простори го дефинирале и кристализирале новобугарскиот јазик.

Најнови вести