Од копнените граници за влез во Грција од утрово за трансфер на патници и туристи е отворен граничниот премин „Евзони“ но дека ситуацијата е слична како и пред отворањето се гледа по граничниот премин „Богородица“ каде утрово е невообичаено мирно и нема патници и туристи.
Дежурната гранична служба на „Богородица“ информира дека од утрово границата ја поминале на излез од земјава околу дваесетина возила и дека состојбата речиси по ништо, или пак многу малку се разликува од претходната кога грчкиот премин „Евзони“ беше затворен за патнички сообраќај.
На границата нема и туристи од Србија на кои од денеска им е дозволен влез во Грција. Причината не е позната, а се претпоставува дека е страв од корона вирусот или пак непознатите процедури на кои инсистира грчката страна за влез во земјава, електронско пополнување на здравствени формулари, тестирање по случаен избор и означување на локацијата за престој во Грција.
За нашите туристи „Евзони“ останува затворен најмалку до 15 јули, а транспортниот сообраќај се одвива нормално, без прекин.