Љупчо Пренџов, пратеник во Собранието во своето гостување во емисијата „Филибастер“ говореше за економијата во државата и посочи дека пет години по ред нема капитални инвестиции и дека оваа влада предводена од СДСМ ако немаат сериозен профит или профит во најава тие не прават ништо во однос на капиталните инвестиции.
-Капитални инвестиции веќе 5 година по ред нема во државата и секоја година има манипулации со буџетот. Јас пред некој месец имав пратеничко прашање до премиерот и многу конкретно го прашав за одредени негови ветувања дека тој на среќна нова 2019 година, во декември месец 2018 година на пратеничко прашање кажува дека со политиката завршивме, дека влегуваме во ЕУ, влегуваме во НАТО и ќе се бавиме само со економија и тогаш ги вети неколку крупни работи. Едноставно работите не се добри во капитални инвестиции, тиа ако од нешто немаат сериозен профит во најава или во тек тие тогаш не го прават тоа, рече Пренџов.
Пратеникот во текот на своето гостување зборуваше и за новиот Клинички центар и укажа дека овој нов Клинички центар кој сака власта да го изгради нема да го поддржи.
– Јас бев на утринска емисија, а тие во 8 часот сабајле го ставија на собранискиот сајт законот за Клинички центар како дополнување на Комисија за здравство замислите. Јас нема да го гласам тој Клинички центар независно кој со кого преговара и кој со кој нешто ќе се договори бидејќи сум убеден дека тој не е за доброто на народот. Мојот став е дали Македонија има соодветен Клинички центар? Не, нема. Дали треба да имаме нов Клинички центар? Да, треба да имаме. Каде треба да биде тој Клинички центар? Тој треба да си биде на местото каде што си е сега. Ние имавме од претходната влада оставен проект тендериран со обезбедени пари од Светска банка и чинеше 72 милиони евра плус ДДВ, толку чини сосема пристоен нов Клинички центар да биде во центарот на Скопје за да може секој да стигне до него, кажа тој.
Пренџов порача дека кога станува збор за задолжување тој нема да поддржи задолжување за купување гласови, туку ќе поддржи задолжувања за инвестиции кои ќе останат на следните генерации и ќе генерираат приходи за буџетот и државата.
-Да јас ќе поддржам задолжување, но не за ваучери, не за купување на гласови, туку би поддржал задолжување еве за инвестиции кои ќе останат на следните генерации и кој ќе видат благодет, а во меѓувреме ќе генерираат приходи за буџетот и за државата, додаде пратеникот.