Дваесет и шестгодишниот Васил Јанкула од Ресен, лице со церебрална парализа, денеска го почна своето патешествие со трицикл да ја обиколи Република Македонија.
Со тоа, како што рече, сака да помогне во покревање на свеста кај лицата со посебни потреби да не седат дома, туку со упорност и работа можат да ги остварат своите цели.
– Сакам да упатам апел до сите лица со хендикеп да бидат силни и храбри и да не се откажуваат на пола пат. Она што ќе замислат и да го направат, рече Јанкула.
Тој упати апел до учесниците во сообраќајот, да се информираат за трасата што ќе ја поминува и да внимаваат додека вози заедно со неговата експедиција.
Јанкула, кој е роден со церебрална парализа, вози автомобил, но се пожали дека неможе да добие лекарско уверение за да полага возачки испит.
Кога ќе стигне во Скопје, сака да оствари средба со премиерот и останати владини претставници, каде ќе може да ги изнесе проблемите со кои се соочува тој, но и останатите лица со попреченост.
Меѓу другите, храбриот ресенец го испрати и градоначалникот Живко Гошаревски, кој верува дека Јанкула ќе ја претстави општината во најдобро светло.
– Да се прифати ваков подвиг е голем чекор. Васил со себе носи јасна порака дека сите сме исти. Како локална самоуправа сакаме да им дадеме внимание на лицата со попреченост и да им укажеме дека и тие се еднакви како нас, изјави Гошаревски.
Васил Јанкула тргна од центарот на Ресен. Предвидено е да помине околу 900 километри со трицикл, а неговото патешествие ќе се движи преку Битола, Прилеп, Градско, Велес, Скопје, Тетово, Гостивар, Маврово, Дебар, Струга, Охрид и преку Галичица ќе се врати во Ресен.