среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

При претресот на скопска Онкологија и 2 приватни станови одземени компјутери, податоци и друга документација

При претресот на скопска Онкологија и 2 приватни станови одземени компјутери, податоци и друга документација

Пишани документи, електронски податоци и цели компјутери се во рацете на МВР и обвинителството по акцијата во Онкологија. Ќе се истражуваат сомнежите за организирана кражба и продавање на скапата биолошка терапија наменета за болните од рак. Случајот е во рацете на Скопското обвинителство кое заедно со полицијата, потрагата по можен криминал ја почнаа од клиниката. Со акцијата биле опфатени и приватни домови.

„Врз основа на судска наредба, по насоки на Јавен обвинител од ОЈО – Сјопје, припадници на МВР извршија претреси на Клиниката за онкологија, како и на уште две локации во приватни станови во Скопје. Притоа, беа одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација кои ќе бидат предмет на анализа и вештачење“, велат од обвинителството.

Првиот човек во здравство очекува брза реакција на истражните органи. Според Меџити, за секаква осуда е ако вработени од клиниката ја искористиле положбата и наштетиле на болните и здравствениот систем.

„Силно ги осудувам сите обиди или дејствија, на поединци или групи кои преку дискрециони овластувања и начини на носење на одлуки во сопствена корист, направиле ненадоместлива штета врз здравјето и животот на пациентите, граѓаните и државата. Очекувам институциите да се произнесат брзо по однос на истрагата“, вели министерот за здравство.

Од клиниката за радиотерапија и онкологија, велат, соработувале со полицијата и обвинителство и од нив очекуваат расветлување на случајот. Не откриваат дали само пишаната и електронска документација биле интерес на истрагата.

„Како институција сме достапни на истражните органи и во овој момент не сме во состојба ниту да коментираме, ниту заклучоци да донесуваме. Тоа ќе го направат надлежните“, вели Виолета Клисаровска, Директор на Клиника за радиотерапија и онкологија.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека за случајот неопходно е да има и политичка одгворност. За Мицкоски, нејасно зошто на истражните институции им требале месеци и години да отпочнат случај за кој долго се говори во јавноста.

Во меѓувреме, граѓаните на интернет го искажуваат својот револт за случајот. „Јас бев и не ми ставија лек, а лекот мој го продале“, „Луѓе се борат да преживеат, тие им ја ускратуваат терапијата“, „Не знам дали некој ќе одговара, тешко нас“, се дел од коментарите на интернет.

Претресите на клиниката за онкологија следат по информациите дека вработени ја продавале терапијата за болните од рак, ја добивале пациенти за кои не била наменета, а за дел, вистинскиот лек им бил менуван со физиолошки раствор.

Најнови вести