понеделник, 15. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Придонеси не им биле плаќани на 14.000 граѓани- штетата засега е 18 милиони евра

Придонеси не им биле плаќани на 14.000 граѓани- штетата засега е 18 милиони евра

Скандалот со ПИОМ се надгради и прошири.

Порасна бројот на граѓани кои биле извисени од Фондот и парите иако требало не им биле префрлани во вториот пензиски столб. Засега од проценетите 12.000 бројката се искачи на над 14.000 лица, пренесува ТВ 24. За нив да ги обештети, државата од Буџетот префрлила вкупно 18 милиони евра на приватните пензиски друштва.

Скандалот го откри министерката за труд Царовска и поднесе кривични пријави против непознати сторители во Фондот за пензиско за злоупотреба на службена должност. Но пријавите беа отфрлени од Обвинителството. Процените на Министерството беа дека обесправени се 12.000 осигуреници, кои државата треба да ги обештети со 19 милиони евра. Од МАПАС велат дека бројките кои јавно ги кажа Царовска биле само проценка, а целиот процес треба да заврши на крајот на септември. Но, не очекуваат бројката на осигуреници драстично да порасне.

„Трансфер од друштвата кон фондот на Пиом имаме префрлање на околу 16.600 членови. Односно во денари до сега се префрлени околу 2, 4 милијарди денари. А трансфер од ПИОМ кон друштвата имаме, тоа е распределба редовна, до сега си 30-ти имаме 14.000 осигуреници кои се членови на вториот пензиски столб. Тоа се околу 1,1 милијарда средства. Но овие износи не се конечни.“ – вели Дарко Саздов, член на Совет на експерти на МАПАС, пренесува Телевизија 24.

До сега пак од вториот столб се префрлени 16.600 граѓани кои ги опфати пензиската реформа, со која сите осигуреници родени пред 1967 година треба да бидат членови само на ПИОМ. За нив приватните пензиски друштва префрлиле 39 милиони евра во државниот фонд. Проценките на Владата беа дека со овој процес ќе бидат опфатени околу 28.000 осигуренци. Од МАПАС велат дека конечната бројка и сума ќе се знае до крајот на септември.

Инаку лани друштвата од вториот пензиски столб имале околу 490.000 членови и вкупно 1 милијарда евра. Додека пак во третиот доброволен столб имало над 24.000 членови и 25 милиони евра. Лани 314 лица добиле пензија од вториот столб и 218 од третиот доброволен пензиски столб.

Најнови вести