среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Признание за лидерството и визијата за министерката Шекеринска

Признание за лидерството и визијата за министерката Шекеринска

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска доби признание од Асоцијацијата на одбранбени аташеи акредитирани во Република Македонија за, како што рече нејзиниот претседател, американското одбранбено аташе полковникот Питер Роуел, нејзиното лидерство во процесот на зачленување на нашата држава во Алијансата и за нејзината визија за развој на одбраната и на Армијата согласно стандардите на Алијансата.

Министерката Шекеринска се заблагодари за овој гест и порача дека последните четири и половина години беа тешки, но и дека сета таа работа се исплатеше зашто крајниот резултат е видлив.

-Нема поголема сатисфакција од можноста да се придонесе кон нацијата, кон земјата, кон граѓаните. Јас имав можност да придонесам кон нешто што е поголемо од мене. Ако постои реченица која ја повторувавме последните декади, тоа е дека државата и граѓаните сакаат да бидат дел од Европската Унија и од НАТО, рече министерката Шекеринска и додаде дека последните четири и пол години ние ја завршивме нашата домашна задача, а членството во НАТО покажа дека посветеноста и макотрпната работа носат резултати.

Таа им се заблагодари на одбранбените аташеи за постојаната поддршка, за сите совети, за силата која тие ни ја даваа во тешки времиња за да продолжиме да се движиме напред.

-Партнерите и сојузниците ни дадоа сила кога ние ја губевме. Верувавте во нас кога и ние самите имавме сомнежи. Вие ни дававте искрен и пријателски совет, а тие совети се некогаш најтешки да се слушнат и разберат. Но, тие совети се и најдобрите што можат да бидат дадени и ви благодарам за тоа, им порача на одбранбените аташеи министерката Шекеринска.

На доделувањето на признанието му претходеше редовниот годишен брифинг со одбранбените аташеи акредитирани во Македонија на кој министерката Шекеринска се осврна на достигнувањата во одбраната минатата 2021 година.

Изминатата година, министерката Шекеринска ја оцени како тешка, но извонредно успешна година за одбраната.

-На првата годишнина од членството во НАТО ја завршивме воената интеграција во Алијансата, а сојузниците ни честитаа дека тоа е најбрзата воена интеграција на земја членка досега. Годината ја завршивме со 98,6% реализација на буџетот – средства од кои најголем дел беа наменети за модернизација на Армијата. Вложивме во капацитетите на Криволак кој прераснува во најдобар полигон на сојузниците во Европа, потврдивме дека Северна Македонија е НАТО членка која придонесува за регионалната безбедност и способноста на Алијансата да се соочи со секој предизвик. Пред сè, вложивме во сојузништвото, единството и заедничките вредности. Сето тоа немаше да биде можно без континуираната поддршка од одбранбените аташеа акредитирани во Северна Македонија. Нашиот успех е најдобра потврда на НАТО максимата – заедно сме посилни!, изјави министерката Шекеринска.

-Имајќи ги предвид сите безбедносни предизвици, 2021 година ни даде и многу можности да бидеме најдобри во тоа што го работиме како лидери и да ги направиме нашите институции посилни и поотпорни на новите закани, рече министерката пред одбранбените аташеи.

Најнови вести