Петицијата на родители против дете со Даунов синдром е најновиот пораз на нашето општество кога станува збор за односот кон најранливите меѓу нас. Вкоренетите предрасуди повторно преовладаа над основните принципи на солидарност и емпатија. Раководството на образовната установа во Гостивар со своите дејствија се приклучило кон дискриминаторите, наместо да се стави во заштита на едно дете, за чија инклузија има не само морална, туку и законска обврска, реагираат од Хелсиншкиот комитет.
Хелсиншкиот комитет подготвува претставки и дописи до повеќе институции со кои бара:
-Општината Гостивар итно да го разреши директорот кој дозволил ваков развој на настаните и крајно дискриминаторски третман кон малата Ембла;
-Министерството за образование и Државниот просветен инспекторат да извршат надзор во училиштето и да ги преземат сите мерки за да ја заштитат ученичката, како и да ги обезбедат сите услови за нејзина инклузија во наставата;
-Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која веќе најави постапување по службена должност, повратно да информира за сите сознанија до кои ќе дојде при работата на овој случај.
Санкциите и институционалниот одговор се неопходни, но не се доволни за да се искоренат дискриминаторските практики кон лицата со попреченост. Токму затоа, сите споменати чинители мора да се вклучат во изнаоѓање решенија кои ќе спречат повторување на вакви случаи, преку континуирани советувања и обуки наменети за родители, наставници и ученици, бидејќи лекциите како „Тимјаник“ очигледно се повторуваат без да се научат. Бидејќи проблемот не е и не може да биде во децата со попреченост. Проблемот е во синдромот на нечовечност кој безобѕирно се манифестира и врз најневините, велат тие.