Во Кривичниот суд денеска почна второто рочиште за предметот на Специјалното јавно обвинителство „Титаник“, што се однесува на десетина дела поврзани со изборни нерегуларности.
Сите обвинети меѓу кои и поранешните функционери Никола Груевски, Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, се присутни на денешното рочиште.
Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.
Одбраната на претходното рочиште побара од Судот да ги одложи закажаните рочишта за овој месец, со цел да направат увид во списите на предметот.
Од СЈО беа против и сметаат дека предлогот на одбраната е со цел да се одолговлечи постапката.
Судијата Осман Шабани на 2 април го одложи судењето за овој предмет за десет дена, со цел одбраната да изврши увид во доказните материјали.
„Титаник“ е прв случај обелоденет од СЈО, а обвинети се 21 лице. За овој месец за предметот „Титаник“ покрај денешното закажани се уште две рочишта, а за во мај уште пет. (МИА)