Продолжува голготата на земјоделците во Росоман кои одгледуваат праска.
Денеска на кванташкиот пазар во Росоман цената на една гајба од 10 килограми праска изнесува само 40 денари што кај производителите создава дополнителен револт бидејќи цената не може да ги покрие трошоците кои досега ги вложиле во производството.
Земјоделците се жалат дека земјоделието е катастрофа и дека немаат помош од страна на државата, односно дека не се носат закони со кои ќе им се решат проблемите.
-Винариите нè уценуваат, државата нè уценува зошто не сака да донесе правилник за откуп на сите земјоделски производи, почнувајќи од пченицата па да завршиме на грозјето. Во секој сектор од земјоделието е катастрофа, а државата најмногу на некој начин нè манипулира, кажува мерки, дава субвенции, повраток на персонален данок, а од тоа нема ништо, вели производите на праска од Росоман.
Имено, тие бараат од страна на премиерот Зоран Заев да им го исполни даденото ветување за зелена нафта, бидејќи според нив, она што го ветил мора да се исполни.
-Ако веќе е ветено треба да ни дадат и зелена нафта, треба да ни го вратат данокот кој што ни го собраа лани, сега треба да ни го вратат, додава земјоделецот.
Инаку, реалната цена на праската е гајба од 10 килограми изнесува 500 денари, но за жал производителите се принудени истата да ја продаваат за само 40 денари за 10 килограми, а се жалат дека ни со толку ниска цена не можат да најдат купци.