Изборната кампања продолжува со несмалено темпо. Носителите на кандидатските листи го продолжуваат претставувањето пред граѓаните на мини собири и средби со граѓаните, како и на социјалните мрежи и на електронските медиуми. Изборните штабови веќе презентираа и дел од спотовите подготвени за оваа кампања.
Државната изборна комисија вчера ги усвои и задолжителните препораки за гласањето согласно мерките за заштита од Ковид-19 и тоа за три дена од гласањето, 13 јули – за лицата со Ковид-19 и во самоизолација кои ќе се пријават за гласање, за 14 јули кога во своите домови ќе се изјаснуваат болните, немоќните и хронично болните, како и за денот на гласањето на 15 јули.
Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ денеска ќе се претстават во Јегуновце (15:30), Брвеница (17:00), Ѓорче Петров (18:30) и Куманово (20:30).
Караванот на Коалицијата „Можеме“ денеска ќе ги посети општините Гевгелија (19:00) и Арачиново (20:30).
Дел од партиите ќе одржат и прес-конференции, како ГДУ, Алијанса на Албанците и Алтернатива и проф. д-р Јове Кекеновски, носител на листа за пратеници од Коалицијата „Никогаш северна, само Македонија” во ИЕ 2, со дел од кандидатите за пратеници.