Сојузот на синдикати на Македонија го реализираше најавениот генерален штрајк во јавниот сектор барајќи линеарно зголемување на платите за 2.806 денари и враќање на правото за регрес на годишен одмор.
Вчера постави 120 празни столчиња пред Парламентот сакајќи да ги потсети пратениците да го прифатат амандманот со кој се бара во ребалансот на Буџетот да бидат одвоени средства за линеарното зголемување на платите, а за денеска најави дека ќе постави 21 столче пред Владата.
Штрајкот ќе се одвива секој ден од 10 до 11 часот, така што вработените во јавниот сектор во тој период ќе го прекинат работниот процес и ќе излезат надвор, а само десет проценти од нив ќе работат онаму каде што е потребно за итни случаи.
Од Синдикатот се задоволни од текот на штрајкот кој најавија дека ќе трае се до исполнување на барањата. Претседателот на ССМ Дарко Димовски вчера изјави дека само во едно претпријатие на почетокот на штрајкот е забележан притисок врз вработените, а ги пофали одредени институции и претпријатија кои веќе почнале да се потпишуваат спогодби за вработените да добијат 2.806 денари од 1 јули.
– Значи, имаме и таква и ваква ситуација, но на крајот на денот во 13 часот нашите регионални секретари ќе поднесат извештаи и секаде онаму каде што ќе се прави пресија врз работниците и штрајкувачките одбори истото ќе се случи како завчера со пратениците, јавно ќе ги објавиме тие директори и управители или носители на тие функции што ни прават пресија за да не штрајкуваме, изјави Димовски.
Од Владата, пак, стојат на ставот дека треба да се зголемат платите, но велат дека мора да се најде одржливо решение, а не проблемите да се решаваат со ад хок решенија.
– Општиот колективен договор и социјалниот дијалог за Општиот колективен договор треба да продолжи и ќе продолжи и таму да го најдеме системското решение, а тоа е нова методологија која ќе биде вклучена во Општиот колективен договор и која што ќе значи системско решавање на проблемот со платите во јавниот сектор, односно континуирано зголемување на платите на вработените во јавниот сектор, порача вчера министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.
Според неа, линеарното покачување на платите за 2.806 денари не е решение.
– Владата покажува политичка волја, подготвеност да најдеме решение и повикуваме да продолжиме со социјалниот дијалог за да дојдеме до решение кое ќе го реши проблемот на вработените во јавниот сектор, рече Тренчевска.
Уверува дека институциите се функционални за време на штрајкот и дека во Министерството за труд и социјална политика вчера никој не пријавил дека штрајкува.
Барањето на ССМ за линеарно зголемување на платите вчера беше и во фокусот на партиските препукувања. Од опозицијата обвинија дека пратениците од власта со неизгласувањето на амандманот со кој се бара интервенција во ребелансот, им го отежна животот на работниците.
– Пратениците на СДСМ гласаа против предлогот на ССМ за линеарно зголемување на платите во јавниот сектор за 2806 денари. СДСМ им го отежна животот на десетици илјади семејства. Линеарното зголемување на платите кое СДСМ го отфрли, беше всушност и законска обврска на власта за спроведување, која не ја почитуваат, а произлегува од Законот за зголемување на минималната плата, кое само по себе бара линеарно усогласување на сите плати, изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева на прес-конференција.
Од СДСМ порачаа дека ветиле зголемување на платите во период од шест месеци и дека тоа ќе биде направено.
– Ние сме ветиле дека ќе ги зголемиме платите и во администрацијата, во период од шест месеци и ние тоа ќе го направиме со измени во законот, исто како што направивме со зголемување на минималната плата на 18.000 денари, порача пратеничката на СДСМ Даниела Марковска во рамките на расправата посветена на ребалансот на Буџетот во собраниската комисија за финансирање и буџет, изјави пратеничката Даниела Марковска во рамки на расправата посветена на ребалансот на Буџетот во собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Штрајкот во јавниот сектор уследи откако Сојузот на синдикати на Македонија виде дека во ребалансот на Буџетот не се предвидени средства за нивното барање, иако, како што тврдат, тоа им било ветено за време на преговорите со владини претставници. Завчера во зградата на ССМ се одржа и средба со економскиот тим на Владата, но таа не вроди со плод.
Во меѓувреме, во собраниската Комисија за финансирање и буџет продолжи амандманската расправа за ребалансот на Буџетот. На оваа седница не беше прифатен амандманот со кој се бараа пари за предлогот на ССМ за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари.
Досега се разгледани 13 од вкупно предложените 204 амандмани и ниту еден од разгледаните не беше усвоен.
Вчера беше шестиот од вкупно десет дена, кои се предвидени според Деловникот за расправа во матичната Комисија. Вкупно се поднесени 204 амандмани,од кои над 170 од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, 28 на Алијанса на Албанците и два на парламентарното мнозинство.