Зголемената преносливост на вирусот ќе го донесе пикот на четвртиот КОВИД бран многу порано.
Математичките пресметки на професорот Дејан Трајковски покажале дека во моментов едно инфицирано лице заразува тројца.
Предупредува дека со ваков раст на бројките за седум дена може да очекуваме и по 2000 заразени дневно. Наместо средината на септември, сега проценките на Трајковски се дека врвот на заразени ќе биде за максимум две недели.
-Со вакво високо забрзување за само една недела ние би можеле, доколку не се намали ова забрзување, да стигнеме до 1500-2000 нови случаи дневно. Колку е повисок ефективниот репродукциски број, толку побргу бројките се искачуваат и толку побргу ќе биде достигнат врвот. Тоа е лоша вест затоа што може да направи притисок врз болниците. При ваква висока преносливост веројатно пикот ќе го видиме со поголеми бројки уште порано, можеби околу 1 септември, вели Трајковски за Канал 5.
Каква ќе биде епидемиолошката крива во голема мера ќе зависи и од темпото на имунизирање. Граѓаните и денеска навалија по вакцина а четирите новоотворени пунктови колку-толку успеаја да ги намалат гужвите. Пред поликлиниката Букурешт, и младо и старо, чекаа во ред за да се боцнат.
Во Чаир, пак, дел од повозрасните кои имаа термин за втора доза негодуваа дека чекаат во ред со часови бидејќи приоритет им се дава на оние без термин.
Освен во постоечките, од денес вакцинирање се врши и во поликлиниките во Ѓорче Петров, Ченто, Бит Пазар и Драчево.
Според извештајот на Министерството за здравство целосно имунизирани се 446.613 граѓани.