Успехот на Армијата на Република Македонија од своето 27- годишното постоење на нашата држава за која се жртвуваа илјадници припадници на нашата војска треба да се круниса со успехот наречен Македонија 30. членка на НАТО.
Ова денеска го истакна министерката за одбрана на Радмила Шекеринска на промоцијата на 18. класа потпоручници и на положувањето заклетва на новите питомци од 22.класа на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“. Свечена заклетва дадоа 33 питомци од кои 25 од Македонија, четворица од Босна и Херцеговина, тројца од Црна Гора и еден од Косово. Истовремено во чин потпоручник беа промовирани 26 питомци од Македонија, двајца од Црна Гора и еден од Косово.
-Во име на новите почетоци, членството во НАТО ќе значи шанса Македонија да гради сигурна и просперитетна иднина. Членството во Алијансата за овие нови офицери и питомци ќе значи шанса да работат, да напредуваат и да се дообразуваат како дел на најмоќната воено-политичка Алијаса во светот. Како што им должиме на нашите претци така им должима и на овие млади генерации да направиме се, да ја постигнеме оваа стратешка цел на нашата татковина, истакна Шекеринска.
Придобивките на нашето членство во НАТО, според министерката, први ќе ги почуствуваат токму припадниците на АРМ. Токму поради тоа, додаде таа, оваа година е зголемен Буџетот за одбраната за 15 проценти. Таа потсети дека се зголемени и платите за 10 отсто за сите припадници на АРМ како и дека е обезбедена исплата на сите права од колективните договори, за јубилејните награди и за дневниците за дежурства.
Министерката Шекеринска рече дека е посебно е горда што седум од новите потпоручници се девојки како и тоа дека денеска заклетва дадоа 10 припаднички на понежниот пол.
Најдобриот питомец од 18. класа со просек 9,91 Бојан Никлош рече дека е горд што тој и неговите другари успеале да ја добијата првата ѕвезда за која четири години во Академијата учеле како да функционираат и да си го најдат своето место во колективот и како да ги надополниваат недостатоците на другите. Тој на питомците на 22. класа им порача и ги охрабри да бидат горди на, како што рече, суштинската разлика од своите цивилни колеги и да се стремат да научат што повеќе во академските клупи.
Награда за својот успех на Академијата добија и новите потпоручници Дамјан Јаневски кој завршил со просек 9,76 и Неда Волчева со успех 9,70.
МИА