Време е да се направи разлика кој е за слободна и демократска Македонија, а кој е за насилниците, порача денеска претседателот на ЗНМ Насер Селмани на протестот на новинарите пред Владата, организиран од ССНМ.
Новинарите кои протестираа пред Владата носат пароли на кои е испишано „Копилињата нема да стивнат“, „Слободните медиуми не може да бидат замолчени“, „Пајакот убива, зарем не?“ и го изразуваат своето незадоволство поради случајот со претседателот на ЗНМ кој реагираше за нападот од високиот функционер на ДУИ Беќир Асани врз полициска службеничка која интервенирала со „пајак“ за да го крене неговото возило.
Селмани поради својата реакција добивал закани од Асани, но и од членови на неговото семејство.
– Долга е раката на пајакот, но јас не се плашам од пајаци. Нападот врз Насер е напад на сите новинари. Бараме полициска заштита за Селмани и пристапување на Обвинителството, порача претседателката на ССНМ Тамара Чаусидис.
Таа додаде дека Владата треба да преземе мерки во врска со овој случај и оти потребни се дела, а не реакции и соопштенија.