Бугарското партија ВМРО-БНД за денеска на пладне најави протест пред зградата на Европската комисија во Софија во одбрана на правата на луѓето со бугарски идентитет во Македонија. Потпретседателот на партијата и европратеник Ангел Џамбаски инсистира на итен прекин на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.
Охриѓанецот Христијан Пендиков, кој се идентификува како Бугарин и е секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, беше претепан во угостителски објект во Охрид, по што со владин авион на Бугарија беше пренесен во Софија на понатамошно лекување.
Бугарија веднаш упати и протестна нота до Македонија, а инцидентот го осудија и претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и шефот на дипломатијата Бујар Османи. Ниту еден од македонските политичари не ги почекаа официјалните информации на МВР дека се работи за нарко-дилер, кој на 17 декември бил фатен како препродава кокаин и против кого е поднесена и кривична пријава, пишува МКД.мк.
Според бугарските медиуми, нападот бил политички и етнички мотивиран, а на нападнатиот му се обраќале со зборовите „мрсен Бугарин“.
-Сведоци на настанот велат дека тепачката нема никаква политичка заднина, дека се работи за стари недоразбирања меѓу учесниците во инцидентот. Сведоците тврдат дека откако тројцата охриѓани влегле во кафеаната во која веќе бил Пендиков, секретарот на бугарскиот клуб веднаш почнал да ги вреѓа, по што почнала вербална расправија, која потоа продолжила со физичка пресметка пред кафеаната, стои во текстот на МКД.мк кој во целост може да го прочитате ТУКА.