На Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, денес, на 3 октомври, 2022 година, се одржа Првиот свечен академски час, со што беше одбележан почетокот на наставата за студентите запишани на прв циклус студии во учебната 2022-2023 година.
Во амфитеатарот на Универзитетот, по интонирањето на македонската химна и на студентската химна Gaudeamus Igitur, со пригоден говор на студентите им се обрати ректорот на Универзитетот, Миленковски.
Тој го претстави својот тим – проректорите, деканите, професорите и административниот кадар на Универзитетот и од името на сите свои соработници им посака топло добре дојде на новите студенти.
Во своето обраќање, Миленковски особено ја истакна посветеноста на наставниот кадар на Универзитетот во реализацијата на квалитетна настава со примена на методологијата на студирање по системот на трансфер на кредит според Болоњската декларација (ЕКТС-систем), потенцирајќи ја посебноста на УТМС како единствен универзитет во државата што доследно го спроведува овој систем со примена на дигиталните технологии, кои истовремено овозможуваат и непристрасна мерливост на знаењето.
Миленковски нагласи дека студентите, освен што треба да се стремат кон усвојување на компетенции што ќе им овозможат професионалните кариери, треба пред сѐ да се одликуваат со висока етика и морал во животот и во работењето. Осврнувајќи се на двата столба што се во основата на развојот на секоја цивилизација – здравјето и образованието, Миленковски им порача на новите академски граѓани дека овие две вредности треба да се испреплетени во нивното секојдневно дејствување бидејќи се токму тие иднината на државата.
По обраќањето, ректорот на Универзитетот, заедно со проректорите за настава и за наука, свечено им ги врачија првите три индекса на новозапишаните студенти во оваа академска година.
По завршувањето на свечениот академски час, студентите од секој факултет имаа одделни средби со деканите на кои беа информирани за идни активности во академската 2022-2023 година, примената на дигиталната технологија во процесот на студирање, наставните програми, распоредот на настава, како и за користењето на Е-индекс, Е-студент и Е-библиотека.
Тимот на Универзитетот за туризам и менаџмент им посака успешна академска година на своите нови колеги.