сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Првите оценки до 20 ноември, еве на кој начин ќе се оценуваат учениците

Првите оценки до 20 ноември, еве на кој начин ќе се оценуваат учениците

Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование ги известија училиштата за начинот на следење и оценување на учениците во периодот на реализација на наставата во услови на пандемија.

Од Министерството информираат дека при формирање на оценката ќе се следат упатствата утврдени од Бирото за развој на образование на почеток на учебната година. Наставниците тука имаат јасно утврдени насоки со кои ќе се заштити  квалитетот на процесот на формирање на оценката. Во случаите каде што од различни причини не може да се формира оценка онлајн, треба да се организираат индивидуални средби со овие ученици, преку наставниците кои ќе ги следат нивните постигнувања и ќе ја формираат оценката.

Со оглед на тоа што наставата оваа учебна година започна на 1 октомври, препораката на Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат е првите сумарни оценки за секој ученик да бидат изведени до 20 ноември.

МОН и БРО апелираат до наставниците да го прилагодат оценувањето на учениците согласно учењето на далечина. Потребно е да се постават јасни насоки во врска со очекуваните резултати од учењето и начинот на следење, контролирање и вреднување на постигнувањата на учениците во овој период. Во рамки на формирањето оценка треба да се задаваат автентични задачи кои ја елеминираат можноста за готови одговори од наставните материјали, или од други извори на информација, а во задачите со кои се проверува познавањето и разбирањето на фактите треба да се обезбеди контрола на времето за решавање на задачите.

Дополнително, наставникот може да направи табела за докази/продукти што ученикот ќе ги испрати како дел од електронското портфолио што ќе се оценува. Притоа критериумите за оценување, начинот на достава и роковите за достава треба да бидат јасно комуницирани до учениците и родителите.

-Учењето во виртуелна училница е во некои аспекти предизвик, но е истовремено можност да се направи исчекор во оценувањето – да се стави акцент на посложените когнитивни процеси, односно на издвојување, разбирање, анализа и помнење на она што е навистина важно,  наместо усвојување на фактографско знаење. Ова е  впрочем и цел на образованието и на реформите кои ќе следуваат. Уште еднаш, да ја искористиме кризата како можност за поставување практики кои и понатаму ќе овозможат унапредување на образовниот процес и ќе бидат почеток на промени кои се неопходни за овозможување квалитет и адаптација на образованието за потребите на новите генерации, соопштуваат од МОН.

Линк до Упатство за наставниците за начинот на оценување на учениците:

https://www.bro.gov.mk/wp-content/uploads/2020/09/Upatstvo_za_nastavnicite_za_ocenuvanje.pdf

Најнови вести