Во манастирскиот храм „Свети Атанасиј“ во тетовски Лешок денеска се одржа првото литургиско чествување по прогласувањето на Кирил Пејчиновиќ во светец Кирил Лешочки што се случи минатата 2022 година.
Светата Архијерејска литургија по повод првото литургиско чествување од канонизацијата на свети Кирил Лешочки ја раководеше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот г.г Стефан во сослужение со повеќе митрополити и свештонослужители.
Архиепископот г.г. Стефан по празничната беседа пред верниците посочи дека првиот помен ден за свети Кирил Лешочки се прави во неговиот дом и вечното почивалиште манастирскиот комплекс „Свети Атанасиј“ и „Света Богородица“ во Лешок.
-Чествувајќи го денес празникот посветен нему му благодариме на Бога што во денешниот славеник ни даде личност од нашиот род кој продолжувајќи го делото на неговите и нашите славни предци, светителите и просветелите Кирил и Методиј и Климент и Наум, пред две столетија силно заблеска под македонското небо. Навистина во преподобниот Кирил монахот светогорски, игуменот на Марковиот и Лешочкиот манастир, просветителот македонски и светителот сехристијански, имаме прекрасен показател за обилноста на даровите што Бог ги излива врз оние кои врват по патот на светоста, истакна г.г. Стефан.
Понатаму тој порача дека живеењето богоугоден живот е право и должност за верниците.
– Постојано да го просиме неговото молитвено застапнништво кон живот едноставен, чесен, честит и чист, кон живот кој ги избегнува оковите на денешниот безрасуден протибожен и противчовечки активизам, кон живот кој е свесен за потребите и маките на ближниот па се обидува да му ги олесни па се стремиме кон живот кој е достоен да се нарече човечки кон живот кој преподбникот Кирил ќе не препознае како свои вистински наследници и духовни истомисленици, рече поглаварот на МПЦ-ОА.
Со запазување на верата го чуваме и нашиот идентитет, истакна поглаварот.
-Од запазувањето на верата, зависи запазувањето на целокупниот наш народен, културен и јазичен вид. Преподобниот Кирил и со своите слова и со својот живот ни покажува дека со искрено и истрајно Богољубие со вистински христијански етос се преобразува целиот етнос. Неговите преродбенички напори од доменот на писменост извираат од севкупното предание на црквата и нивната цел секогаш е најзначајната средба, средбата со човекот на самата светлина на светот. Секогаш молитвено да му се обраќаме на светиот Кирил Тетоец, а неговите просветителски напори да ги почитуваме, неговите поуки да ги препрочитуваме, неговиот светол христијански живот да го поддржаваме. Ако тоа го правиме ќе ја исполниме Свети Климентовата и негова порака да бидеме христијани по животот и делата, а не само по името, рече г.г. Стефан во беседата.
Светиот Архијрејски Синод на МПЦ минатата година донесе одлука за прогласување на светец на Кирил Пејчиновиќ. На 15 и 16 октомври 2022 за време на канонизацијата, 25 март беше определен како ден кога ќе се празнува светецот Кирил Лешочки. За новоканонизиранот светител е живописана икона и е напишано Житие, Акатист, Утрена и Вечерна богослужба.
-Тој бил просветител, преродбеник, писател, исцелител. Првиот којшто низ цела Македонија ги прошетал сите цркви и манастири и ги собирал прашливите стари книги и ракописи и ги однел во Марковиот манастир каде создал импозантна бројка на книги, кои подоцна ги донел во Лешочкиот манастир и продолжил да ја збогатува таа библиотека, изјави професорот Борис Момировски Лешанин кој 60 години го истражува и документира животот на Кирил Пејчиновиќ.
Кирил Пејчиновиќ е роден во Теарце во 1771 година, а почива во дворот од Лешочкиот манастирски комплекс.