Нема зима за фирмата „Пуцко Петрол“ која е во сопственост на синот на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски, Асмир Јахоски, кој доби нов тендер од над 13 милиони евра од ЈСП Скопје. Имено, на објавениот јавен тендер стои дека фирмата „Пуцко Петрол“ за 814.000.000 денари или во евра 13.239.024 ќе го снабдува Јавното сообраќајно претпријатие Скопје со нафтени деривати.
ТЕНДЕРИ ВО ЧЕТИРИ ОЧИ
Сето ова би било во ред доколку се работеше за друга фирма. Но, сомнежите растат бидејќи ова не е прв ваков случај. Имено, фирмата „Пуцко Петрол“ во сопственост на Исмаил Јахоски и како тогашен градоначалник на општина Пласница добивал тендери со државни пари.
Истата фирма е потписник на повеќе тендери. Во 2018 година Пуцко петрол добил тендер за ЈСП Скопје во вредност од 15,3 милиони евра, гориво за службените возила во Министерството за правда вреден 34 илјади евра, гориво и масло за греење од 150 илјади евра за Охридската болница, масло за греење за болницата во Струга во вредност од 100 илјади евра… На листата на институции на кои „Пуцко – Петрол“ само годинава им продал услуги се и општина Студеничани, Агенцијата за храна и ветеринарство, општина Сарај, Управата за јавни приходи и многу други. Според информациите кои кружат фирмата „Пуцко Петрол“ во 2017 и 2018 година склучил договори за 395 тендери вредни 2.143.110.674 денари или околу 34,56 милиони евра.
Согласно информациите само во месец септември годинава фирмата добила над десетина тендери од државата кои тежат над половина милион евра, за снабдување со нафтени деривати неколку државни институции општината Прилеп, Здравствениот дом во Штип, судот во Кичево, Универзитетската клиника, општината Чучер Сандево, училиштето Коле Неделковски во Велес, општината Чаир, Пробиштип, Државните електрани и МВР.
ВЛИЈАНИЕ ИЛИ СУДИР
За да се отстрани сомнежот од постоење потенцијален судир на интереси и ризик од политичко влијание претседателката на Антикорупциска комисија Билјана Ивановска вели дека е потребно постапката за јавни набавки да биде спроведена на транспарентен начин и да обезбеди фер конкуренција и избор на економски најповолна понуда.
-За да се отстрани сомнежот од постоење потенцијален судир на интереси и ризик од влијание, посебно политичко, потребно е постапката за јавни набавки да биде спроведена на транспарентен начин и да обезбеди фер конкуренција и избор на економски најповолната понуда, вели Ивановска.
Иако постои сериозен сомнеж дека тендерите се однапред договорени затоа што веројатноста една фирма во сопственост на Јахоски да добие над 400 тендери заради најниска тендерска понуда е многу мала, бидејќи доколку се провери документацијата може да се забележи дека постојат сериозни сомнежи за влијание бидејќи на неколку тендери само „Пуцко Петрол“ се јавува како единствена фирма со понуда а на дел немало ниту електронски наддавања.
Доколку пак се проверат информациите од анкетниот лист пратеникот од ДУИ Исмаил Јахоски е еден од поимотните пратеници во македонското собрание. Имено, според она што тој го пријавил како личен имот Јахоски поседува неколку земјишта од неколку илјади метри квадратни, деловни простори, згради, станови, куќи и неколку милионски суми по основ на даден заем. Се појасно е дека испумпување на државни пари и богатење на луѓето од власта ќе продолжи и во наредниот период.