Вкупно 19 нови тендери добила нафтената компанија „Пуцко Петрол“ на Асмир Јахоски син на пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски за набавка на нафта за греење, масло за горење екстра лесно, гориво за моторни возила, набавка на еуродизел за службени возила, масло за греење, како и дизел гориво за нафтени деривати.
Последниот тендер кој што го добива Пуцко Петрол е за набавка на дизел гориво и нафтени деривати од Македонски железници Транспорт АД Скопје и изнесува 169.880.000 денари, односно 200.458.400 денари или 3.259.486 евра.
Вкупната вредност на овие 19 тендери изнесува 3.933.475 евра без пресметан ДДВ според податоците од Бирото за јавни набавки.
Според документацијата „Пуцко Петрол“ се јавува како единствен понудувач, што отвора сериозен сомнеж да договор направен во четири очи. Но, ниту овој договор ниту пак претходните договори не беа предмет на интерес за отворање на истрага од страна на Државната комисија за спречување на корупција дали постои судир на интерес за државните тендери кои ги добива фирмата на Јахоски.
Фирмата Пуцко Петрол ги снабдила со нафта и нафтени деривати и ЈЗУ Психијатриска Болница Скопје, ЈУ Специјален завод Демир Капија, Фонд за здравствено осигурување, ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата Козле Скопје, Биро за јавни набавки, неколку средни и основни училишта, како и градинки.
За потсетување, во 2020 година Пуцко Петрол добила 300 тендери во вредност од 29.595.604 евра, додека 2019 година компанијата склучила 300 тендери, додека пак во 2017 и 2018 година склучил договор за 395 тендери вредни над 34 милиони евра.