Во текот на вчерашниот ден потврден е четврти случај на заразен со делта сој на коронавирусот во нашата држава, а четири други лица се суспектни. Новорегистрираниот со индиската варијанта се лекува во болницата во Велес и е со лесна клиничка слика. Од четирите суспектни на делта сојот, едниот е во лоша здравствена состојба, приклучен на респиратор, а три лица се со стабилна клиничка слика, информираше денеска министерот за здравство Венко Филипче.
За суспектните четворица пациенти, до вечер ќе се знае дали се заразени со индиската варијанта на вирусот или не.
– Скринингот, кој се прави на тестовите во Институтот за јавно здравје лабораторијата на МАНУ, ја исклучува британската варијанта на вирусот. Што значи, секаде каде што ќе се покаже дека не е британската варијанта, се прави секвенционирање за да се потврди присуство на индискиот сој, соопшти Филипче, кој рече дека новозаразените случаи не се епидемиолошки поврзани едни со други.
Тој посочи дека во овој момент нема притисок во болниците, ниту за прегледи. Од денеска во болницата во Битола не се лекува ниту еден пациент, а во Охрид само уште едно лице, соопшти Филипче.
Министерот уште еднаш го соопшти ставот на Комисијата за заразни болести дека засега не се планираат мерки во однос на штитењето на границите од делта сојот, но напомена дека деновиве ќе го разгледаат уште еднаш ова прашање.
– Ова прашање се постави за време на вчерашниот состанок на Комисијата и ќе го евалуираме во текот на оваа недела. До крајот на оваа недела, најкасно почеток на следната недела ќе заземе став. Грција е единствената земја во регионот која бара ПЦР тестови, потврди за вакцинација и единствената земја во која има пораст на случаи. Значи дека мора да бидеме внимателни кога ги носиме мерките за да вистински служат и да штитат таму каде што треба, рече Филипче, кој напомена дека во повеќе од 100 земји веќе е регистриран делта сојот на вирусот.
Филипче смета дека државите од регионот треба да имаат поорганизиран пристап во однос на ширењето на делата сојот.
– Јас ќе разговарам денеска и утре со колегите министри од земјите во регионот, Србија, Албанија, Косово, во рамки на онаа комуникација што ја отворивме во делот на Берлинскиот процес за да заземе заеднички ставови. Мислам дека тоа е многу важно, нагласи Филипче.
Тој потенцира дека ги следи истражувањата поврзани со делата сојот.
– Во делот на клиничката слика сè уште немаме точни податоци дали има потешка клиничка слика како што имаше британскиот сој кога се појави. Има некои публикации коишто укажуваат дека нема. Сè уште е рано тоа да го потврдиме. И во однос на ефикасноста на вакцините дефинитивно штитат од потешката форма на болеста и од смрт, нагласи министерот за здравство, по посетата на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје.