На ден 08.03.2022 година, политичката партија Демократски Сојуз во јавноста излезе со соопштение во кое се искажани клевети на мое лично име и на сметка на ЈП Градски Паркинг.
Од таа причина, како в.д. Директор на претпријатието должен сум да реагирам, демантирам и коментирам.
Имено, во целост ги отфрлам сите клевети и обвинувања, а обидот за навреда и ниското ниво на комуникација изразено преку ова општење со јавноста, од страна на една политичка партија говори за самите нив.
Верувам дека се свесни дури и кога не ја говорат вистината, но во исто време, до некаде можам и да ја разберам нивната фрустрација, страв и срам од се што излезе во јавност за работењето на ова претпријатие во минатото. Обвинувањата и клеветите можеби ќе продолжат, но граѓаните, а и вработените во претпријатието ќе ценат и судат.
Ја разбирам нервозата кај одредени политички структури кои сакајќи да го закочат преструктуирањето на претпријатието, неговото враќање на градот и граѓаните од рацете на личните интереси на поединци и структури, наоѓаат маана и критикуваат се и сешто, но Градски Паркинг им припаѓа на скопјани.
Едно е сигурно, ова претпријатие и вработените во него, никогаш повеќе нема да финансираат, промовораат и заштитуваат политичка партија. Нема да се злоупотребуваат средствата и опремата за лични и партиски цели. Нема да се повластуваат со бесплатен и резервиран паркинг политички и други видови на моќници. Новото раководство обезбеди позитивна работна клима и визија за развој. Сето тоа мотивираше голем број на професионалци во претпријатието да бидат гласни, да стават стоп на политичкиот непрофесионализам и конечно да се стави ред во ЈП Градски Паркинг- Скопје.
На крајот, слободно можам да кажам дека полека но сигурно завршува политичката династија наречена Демократски сојуз во ЈП Градски Паркинг- Скопје, а кој губи има право да се лути.
Соопштение ДС
в.д. Директор
Бојан Христовски