Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ- МК) која ја одржа својата 11 сесија на 24.04.2023 година ја изразува својата загриженост по повод актуелните случувања и дискусии во сферата на правосудството.
Со оглед на специфичноста на тема на сесијата која се фокусираше на улогата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во стекнувањето независност и интегритет во судството, како и на основите за одговорност, беа испратени покани до сите засегнати страни, како и до обете исклучително релевантни институции, кои, за жал, не одговорија позитивно на поканата.
Дијалогот се реализираше со постојаните членови на работните групи (граѓански здруженија, судии, обвинители, претставници на адвокатска комора, професори, меѓународен експерт и други експерти) и може да се заклучи дека и оваа дебата, како и другите претходно, беше отворена, инклузивна и мотивирачка за сите членови да го изразат своето мислење со единствена цел да придонесат во обезбедувањето независност, самостојност и интегритет, како и одговорност на сите субјекти во сферата на правосудството.
Изборот на темата беше дефиниран од аспект на тоа на две витални институции на правосудниот систем кои имаат голема улога и значење во остварувањето на високите стандарди и вредности на владеењето на правото – исклучително значајни за успехот на целокупниот евроинтеграцискиот процес на земјата.
Ја потсетуваме јавноста дека НКЕУ-МК е платформа за институционализиран (структуриран) дијалог, кој се води меѓу различни чинители за Кластер1 „Темелни вредности“ и кој опфаќа пет поглавја што треба да придонесат за владеење на првото, остварување на правдата, јакнење на слободите и безбедноста и спречување и борба против корупцијата како посебно потенцирана цел. НКЕУ-МК веќе шест години дејствува успешно на планот на демократизација на преговарачкиот процес за членство во ЕУ, мотивирајќи ги експертите да ги идентификуваат, дефинираат и прилагодат европските решенија во нашите специфични услови. Досега во НКЕУ-МК се предложени над 600 решенија, со кои се детектираат фронталните линии за побрзо напредување во реформскиот процес во оваа област – исклучително значајна за почеток и за напредување на евроинтегративниот процес и тоа во сите кластери подеднакво.
Нагласуваме дека почитувањето на правото на слободно изразување, отворените расправи за постојните проблеми и за подобрување на востановените практики, како и укажувањата за имплементација на темелните вредности (наведени во документот на Советот на Европа, се исклучително значајни за напредувањето за реформите во правосудството, но уште повеќе – од нив зависи и целокупниот преговарачки процес.
Оваа Изјава на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија има цел да потсети дека критиките, заклучоците и препораките кои произлегуваат од инклузивниот дијалог се секогаш во интерес на подобрување на состојбите во македонското општество, уважувајќи ги целосно институциите и помагајќи ѝм да бидат посилни за сложениот преговорачки процес.
Од перспектива на Новата преговарачка методологија каде е нагласена потребата од целосно транспарентен преговарачки процес со цел сите граѓани да бидат во тек со самиот процес, отворениот дијалог и охрабрувањето да се биде дел од него оди во прилог на афирмација, учење и примена на европските стандарди кои ќе треба да бидат дел од секојдневниот живот на граѓаните.
Мисијата на НКЕУ-МК дијалогот во Поглавјето 23, Правосудство и темелни права е во насока на придонес за креирање на перцепција кај граѓаните дека напишаните правила важат и се применуваат од страна на сите. Примерот за почитување на правилата, сепак треба да дојде од правосудната сфера. Јавноста умее да го препознае тоа, а ние го препознаваме јавниот дискурс низ сесиите реализирани во Пглавјето 23.
Национална конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија
Членовите на програмските совети на работените групи
Работна група – 3, Правосудство и основни права;
Работна група – 4, Правда слобода и безбедност;
Работна група – 6, Антикорупција.