четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Рендевски: За недела дена би требало да почнат разговорите со работните групи за подобрување на состојбите во примарното здравство

Рендевски: За недела дена би требало да почнат разговорите со работните групи за подобрување на состојбите во примарното здравство

Наскоро се очекува да почнат со работа веќе формираните работните групи за подобрување на состојбите во примарното здравство. Ова денеска за МИА го изјави заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски, кој рече дека изутрината имале состанок со приватните стоматолози специјалисти и дека уште од нивна страна требало да се доинкорпорираат членови во тимовите за преговорите да одат синхронизирано.

-Има позитивна клима и во Министерството за здравство. Исто така вчера имавме средба и со министерот и со премиерот. Навистина сме расположени како Влада овие проблеми на примарната здравствена заштита да ги решиме долгорочно и убеден сум дека во добар правец ќе одат преговорите, истакна Рендевски.

Тимовите, појасни тој, се доекипираат од страна на стоматолозите, останатите стручни служби ќе бидат инкорпорирани.

-Се надевам за неколку дена до недела дена би требало првите разговори да ги започнеме. Голем дел од барањата навистина се издржани и лесно применливи. Одредени работи кои се во поглед на финансирањето навистина ќе се најде модус како на оние најзагрозени медицински тимови да се помогне некако и финансиски, така што верувам дека навистина ќе има решение и самите колеги ќе се задоволни и квалитетот на здравствена заштита да се подигне, да имаат благодет и самите пациенти, истакна Рендевски.

Кога еднаш е отворен Законот за здравствена заштита, посочи тој, сите решенија да одат заедно.

Потенцира дека во тимовите се и правници, претставници од Фондот за здравствено осигурување, бидејќи, како што рече, секое одредено решение мора да кореспондира и со Законот за здравствена заштита и со регулативната во Фондот.

-Покрај добрата намера што ја имаме, имаме слух за проблемите на колегите. Сепак се тоа подзаконски акти, закони и решенија кои мора да не се косат со правната регулатива. Тимовите ќе почнат да работат. Се слушнав вчера со претседателката на Здружението на приватни лекари, д-р Лилија Чолакова Дервишова. Има таму проблеми кои за жал се останати од 2006 година, некои правилници за одредени партиципации, така што треба многу внимателно и темелно да се пристапи за да работите бидат применливи и одржливи да не бидат месец за месец или краткорочни и да бидат во интерес на колегите и на пациентите, рече Рендевски.

Во врска со тоа што матичните лекари денеска ги примаат само итните случаи и не работат со пациенти закажани преку „Мој Термин“, тој рече дека ги разбира наталожените проблеми, меѓутоа со ултиматиуми и со датуми не се постигнува ништо.

-Самите проблеми знаат од кога датираат тие проблеми. Ние како Кабинет, како Министерство две до три недели сме само тука и навистина со цела енергија, со искрена намера пристапивме кон решавање, така што очекувам дека работите ќе одат во добар правец и апелирам до колегите дека работите ќе бидат решени, додаде Рендевски и најави дека повторно ќе има средба со претставници на Здружението на приватни лекари, коморите, останатите здруженија, Фондот и правен тим од Министерството. (МИА)

Најнови вести