Поранешниот градоначалник на Прилеп Марјан Ристески на својот Фејсбук профил сподели статус поврзан со крвавиот масакр на Карпалак пред точно 18 години.
-Поминаа 18 години од крвавиот масакр на Карпалак. 18 години неизмерна болка и тага во нас преживеаните, директни учесници во овој крвав настан и непребол за загинатите. Многу сме потиштени како роднини, другари, пријатели на загинатите борци, а пред сè како Прилепчани и Македонци!
И денес, по толку изминати години од овој настан, во нас длабоко останаа испреплетени чувства на: ТАГА И БОЛКА, за прерано изгубените млади човечки животи од кукавичката рака на сторителите; РАЗОЧАРАНОСТ, бидејќи сторителите останаа недопрени и никогаш не се најдоа пред лицето на правдата, а надлежните институции не се потрудија доволно да го направат тоа; ПРЕДАВСТВО од страна на одговорните лица, кои дозволија нашиот конвој да биде упатен необезбеден и неподготвен, директно во челустите на злосторниците; ЗБУНЕТОСТ, прашувајќи се дали ние бевме мета за отстрел во фингираната војна во 2001-та година?…ГОРДОСТ, затоа што несебично и храбро застанавме на браникот на нашата Македонија, за разлика од многу други кои свесно избегнуваа; ИЗИГРАНОСТ, бидејќи денес сме неми сведоци на распродажбата на националните интереси и сè што е стекнато со крв и пот…како и овој настан-КАРПАЛАК!
Сите овие измешани чувства уште повеќе го зголемуваат нашиот немир…
Ова е денот кој буди спомени, денот на кој им оддаваме почит на загинатите борци. Почивајте во мир херои наши! Соборци мои…во вечна борба за правда…
Да ни е вечна Македонија, како што е вечна борбата за неа!, стои во неговиот пост на Фејсбук.