Хаосот во градинките продолжува, родителите секојдневно пишуваат по социјалните мрежи и апелираат, но надлежните не реагираат по ова прашање.
Секој месец родителите плаќаат во градинка, но место за деца нема, очигледно е дека плаќаат само за чување место во градинка кое детето никако да го добие. Родителите се наоѓаат во замка, место во градинка нема, тие мора да одат на работа, а децата нема кој да ги чува. И додека министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска уверува дека градинките работат како што треба и дека децата се згрижени, реалноста е сосема поинаква.
„До Министерство за Образование, Мила Царовска, Шахпаска и Венко Филипче. Не може више вака „пријатели“, ова не се трпи. Одам вчера во градинка, за која плаќаме по 521,00 денар месечно, за да и го чуваат „местото“ на ќерка ми. Ете сега бидејќи не доведовте до питачки стап, не можам повише да седам дома и да изигравам градинка, мора да почнам со работа, бил КОВИД или свети КОВИД. За моја несреќа ете немаме баби и дедовци да ангажираме да чуваат внуци. Јас културно си отидов во градинка чисто само да им кажам дека од први април почнувам со работа, и да си кажам дека ќерка ми ќе почне да посетува градинка. Одговорот на одговорната во градинка беше:
– Донесете ни потврда од работа, сите групи по протокол од 15 деца се пополнети, немаме место да ја примиме. Ми извади 2 папки, полни со барања од родители и потврди од работа кои чекаат нивните деца да бидат викнати. И ми вика може од септември ќе се ослободи некое место. Не не не, не може вака. Нит за мене, нит за тие во папките кои може се молат на Богородица да бидат можеби викнати од септември. Прашањето е, за кое јас тоа МЕСТО, плаќам по 521,00 денар месечно, кое е тоа МЕСТО што се чува за ќерка ми. Зашто јас тие 521,00 денар не ги кинам од дрво. Каде е фамозното МЕСТО. Ете од лани до сега секој месец по 521,00 денар за МЕСТОТО, а јас дома си ја чувам. КАДЕ Е МЕСТОТО???М???“, пишува револтиран родител на социјални мрежи.
Наспроти ова што го пишува револтиран граѓанин односно родител, власта молчи и ги уверува граѓаните дека се е во ред.
„Состојбата поврзана со КОВИД-пандемијата во детските градинки е стабилна и тие остануваат и натаму отворени, но ситуацијата се следи постојано и нови мерки би можеле да бидат донесени согласно развојот епидемиолошката состојба“, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Таа додаде дека секоја недела се прави пресек на позитивни вработени и деца згрижени во градинките.
„Состојбата е под контрола и постојано ја следиме. За нас врвен приоритет преставува здравјето пред се на децата, но и на вработените. Доследното почитување на протоколите ја става ситуацијата под контрола, меѓутоа ќе ја следиме епидемиолошката состојба и заеднички ќе носиме одлуки во интерес на граѓаните“, рече министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска одговарајќи на новинарско прашање по посета на градинка во Ѓорче Петров.
За ваквата несериозност од страна на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, па и целокупната Влада, реагира и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ нагласувајќи дека власта не води сметка ниту за најмалите деца како ќе се згрижат додека родителите се на работа, и дека е потребен посебен протокол со кој што ќе може сите деца да одат во градинка и да останат заштитени од КОВИД -19.