Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико реагира на дневниот билтен објавен од страна на Министерството за внатрешни работи по повод случувањата во Шуто Оризари.
Нивната реакција, Ви ја пренесуваме во целост
Имено, Министерството за внатрешни работи во својот билтен наведува дека на 28.01.2019 околу 17:20 часот е пријавено дена на улица “Индира Ганди” во Шуто Оризари малолетничка наводно видела дека непознати лица насилно внеле женско лице во комбе, но не знаела за кого станува збор. Околу 19 часот на истата улица се собрала поголема група граѓани и тогаш наишло патничко моторно возило “Хјундаи галопер” во кое се наоѓале А.Р.(34) од Скопје и Ф.К.(24) од село Долно Блаце, скопско, полициски службеници кои не биле на работа и Б.К.(39) исто така од село Долно Блаце при што истите биле нападнати од насобраните граѓани.
Институтот за истражување и анализи на политики – Ромалитико посочува дека во известувањето министерството не потенцира дека возилото кое наишло било без регистарски таблички и со затемнети прозорци. Опис кој во голема мера ги зголемило сомнежите на населението дека се работи за можни киднапери, имајќи во предвид дека населението е повеќе од десет дена вознемирено поради присуство на сомнителни возила и обиди за киднапирање на деца. Дополнително во патничкото моторно возило според снимки споделени во јавноста, се гледа дека во задниот дел на возилото нема патнички седишта, а има фантомки, копач, лопата и непозната регистарска табличка.
Според изнесеното го повикуваме Министерството за внатрешни работи и министерот Оливер Спасовски во текот на денот да излезат во јавност и да одговорат на неколку прашања кои ја засегаат јавноста, а тоа се:
- Какви дејствија планира да ги преземе МВР за расветлување на случајот?
- Со која намера тие во 19 часот биле во општина Шуто Оризари?
- Дали е нешто дополнително пронајдено во возилото?
- Која е целта на земјоделскиот алат (копач и лопата) во возилото?
- Кое е потеклото на непознатата регистарска табличка внатре во задниот простор на возилото?
- Зошто полиските службеници кои не биле на полициска должност возеле патничко моторно возило без регистарски таблички со затемнети прозорци?
- Во чија сопственост е патничкото возило “Хјундаи галопер”?
- Зошто во возилото имало фантомки?
- Која е поврзаноста на третото лице со полициските службеници кое се возело заедно со нив во патничкото возило?
- Зашто полициските службеници не се идентификувале пред толпата народ дека се полициски службеници со полициска легитимација?
- Дали ќе се спроведе истрага за сведоштвата дека постојат лица кои имале обиди за киднапирање на деца?
Поставените прашања го зголемија сомнежот кај локалното население но и пошироко. Министерството треба веднаш да даде одговор на овие прашања за да се расветли случајот околу вчерашните случувања. Недавањето на одговор, односно пласирањето на информации само од една страна ќе го зголеми сомнежот врз работата на министерството и ќе предизвика дополнителен револт кај населението. Воедно, Министерството за внатрешни работи преку секторот за внатрешна контрола да го испита целиот случај, како и евентуалната поврзаност на полициски службеници со одземањето на деца во Шуто Оризари. Дополнително ваквите немарни акти може да допринесат до намалување на општото чувство за безбедност кај родителите за сигурноста на нивните деца во општина Шуто Оризари.